ДУИ: Владата ги игнорира Албанците – без албански претставници во делегацијата во Обединетите Арапски Емирати
ДУИ остро го осуди одлуката на премиерот и Владата да реализираат еднонеделна официјална посета на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) – во Абу Даби и Дубаи – без присуство на ниту еден албански претставник од политичките партии кои се дел од владејачката коалиција.
ДУИ во своето соопштение оцени дека ова претставува уште едно понижување и демонстрација на непочитување – не само кон коалициските партнери, туку и кон албанскиот народ во земјава.
„Со оваа одлука, Владата јасно покажува дека албанските партии кои одлучија да бидат дел од оваа влада се третираат како ирелевантни. Тие се сведени на неми статисти – без тежина, без глас и без право на учество во државното одлучување“, се вели во соопштението.
ДУИ потенцира дека делегацијата не била туристичка, туку државна – со конкретно влијание врз економските и политичките односи на државата со ОАЕ. Оттаму, отсуството на албански претставници испраќа јасна порака: „Албанците не се сметаат за фактор во градењето на иднината на државата.“
Според партијата, ова не е само навреда кон партиите, туку и уште поголема навреда кон сите Албанци – чии експерти, бизниси, дијаспора и севкупен придонес се игнорираат. „Владата создава две категории граѓани: едни што се носители на државата и други што се третираат како гости во сопствениот дом.“
ДУИ, како партија што со децении се залага за еднаквост, застапеност и достоинство на Албанците, најави дека нема да молчи пред ваквите постапки. „Ова е уште еден доказ дека Владата не го разбира ниту го почитува мултиетничкиот карактер на државата. Наместо еднаквост – добиваме игнорирање. Наместо партнерство – понижување.“
ДУИ бара премиерот јавно да се извини на Албанците и да даде отчет пред јавноста – дали ова е неговата визија за иднината на државата. Дополнително, партијата упати апел и до албанските партии во Владата, кои со својата тишина стануваат соучесници во дискриминацијата.
„ДУИ останува гласот и штитот на Албанците. Не смееме да дозволиме политиката на игнорирање и нееднаквост да стане новото нормално“, порачуваат од партијата.