Еврокомисарката Кос: Внесувањето на Бугарите во устав не е единствен услов за влез во ЕУ
И покрај големите очекувања во Северна Македонија дека уставните измени ќе го откочат евроинтегративниот процес, еврокомесарката за проширување Марта Кос јасно порача дека никој не може да ѝ гарантира на земјата дека нема повторно да се соочи со нови пречки, дури и по нивното спроведување.
Во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР), Кос ја изложи суровата реалност: барањето гаранции е разбирливо, но неосновано, особено во контекст на постојаните билатерални спорови и нестабилната политичка волја во регионот.
„Гаранции не може да има. Она што го очекуваме од земјите членки е добрососедски дух и конструктивни разговори. Но, тоа не значи дека сите ќе го следат тој принцип“, вели Кос.
Оваа изјава е сигнал до македонските власти и јавноста дека нивната стратегија – заснована на надеж, декларативна поддршка и симболични отстапки – не е доволна. Суштинските реформи, политичката зрелост и долгорочната визија за справување со тешките прашања остануваат слабо присутни во домашниот политички пејзаж.
Кос подвлече дека Европската комисија активно работи за да ѝ помогне на земјата да ги започне преговорите по кластери, но предупреди дека билатералните прашања – особено со Бугарија – и натаму ја засенуваат техничката страна на процесот. Таа откри дека е директно вклучена во разговори со бугарски политичари, а следуваат и средби со македонскиот политички врв.
И покрај новата динамика во процесот на проширување, Кос нагласува дека тој останува заснован на заслуги. Албанија, која заедно со Северна Македонија го започна процесот, веќе направи значителен напредок. Македонските власти, пак, сè уште се борат со истите внатрешни и надворешни блокади – што укажува дека не станува збор само за надворешни условувања, туку и за сериозен институционален и политички дефицит.
„Нема да оставиме ниту една земја зад себе, но секоја мора да го заслужи своето место. Посветени сме, но не и наивни“, порача Кос.
Изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, кој повторно подвлече дека уставните измени се само првиот услов за почеток на преговорите, го потврдува она што Кос го предупредува: европскиот пат на С. Македонија нема да се расчисти со едно политичко отстапување – потребен е темелен, реалистичен и одржлив пристап.