Ќе има затворање на Универзитети и факултети – Мицкоски: „Се срамам од информациите дека кај нас дипломи се добиваат за еден ден“
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека би можело да има затворање на Универзитети и факултети низ земјава по информациите за несоодветно работење, а особено откако Мицкоски добил информации дека за еден ден се добивале дипломи во одредени високообразовни институции.
„На владина седница формиравме тело и заедно со министерката за образование го задолживме тоа тело да направи анализа и проверка на сите Универзитети и факултети, и онаму каде што има недостатоци, да им се даде разумен рок, и сите универзитети да ги отстарнат недостатоците. Доколку не ги отстранат, ќе бидат затворени. Зошто? Затоа што се срамам, на две места каде што бев во Вашингтон и во Лондон, каде што имав можност да разговарам со мои колеги од соседството, ми кажаа дека за еден ден се добиваат дипломи кај нас. Тоа не може да се случи, особено што јас доаѓам од високото образование. Не може дипломи да се добиваат преку ноќ. И затоа имаат разумен рок, и тие ако не го сменат тоа, ќе им се укине дозволата за работа“, рече Мицкоски.