МВР: Директорот Јанев во посета на САД: Градиме поефикасна полиција со поддршка од нашите меѓународни партнери - 30 АВГУСТ 2024
Директорот на БЈБ Александар Јанев во посета на ИЦИТАП во САД
Вашингтон, САД – Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Александар Јанев оваа недела ја предводи делегацијата на Министерството за внатрешни работи во САД, каде имаше важна посета на седиштето на ИЦИТАП во Министерството за правда. По успешната конференција NIAIA 2024, Јанев се сретна со заменик директорот за менаџмент и глобални програми, Никол Витакер.
На средбата, директорот Јанев истакна важноста на планираните реформи во полициската служба. „Ние имаме амбициозни планови за реорганизација, развој на модернизирана полиција и зајакнување на односите со заедницата. Овие трансформативни напори се клучни за подобрување на безбедноста и стекнување доверба од граѓаните“, рече Јанев.
Во разговорот со Витакер, директорот доби целосна поддршка за овие иницијативи, вклучувајќи помош од ИЦИТАП во реализацијата на планираната реорганизација со акцент на зголемување на ефикасноста на полициската служба.
„Борбата против корупцијата е клучен дел од нашата трансформација. Со претстојните напори за дигитализација во земјата, ќе изградиме полиција која е поефикасна, поодговорна и поблиска до заедницата“, нагласи Јанев. Тој посочи дека овие напори исто така ќе помогнат за развој на професионални и транспарентни полициски капацитети кои ќе ги штитат човековите права и ќе се борат против криминалот и тероризмот.
Конференцијата NIAIA 2024 се покажа како значајна платформа за размена на искуства со колеги од целиот свет, овозможувајќи презентирање на домашните иницијативи и добивање поддршка.
„Продолжувањето на соработката со ИЦИТАП е од витално значење за остварување на нашите долгорочни цели. Како директор, посветен сум на градење на поодговорна, транспарентна и заедницата фокусирана полиција. Верувам дека со поддршката на нашите меѓународни партнери, ќе успееме да ги реализираме овие амбициозни планови“, заклучи Јанев.