македонија01 октомври 2024 МВР: Презентиран акредитиран комуникациско информациски систем за безбедно ракување и размена на класифицирани информации - 01 ОКТОМВРИ 2024
Новиот систем за безбедно ракување со класифицирани информации презентиран во Јавното обвинителство
Скопје, 01.10.2024 – Во просториите на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, денеска беше презентиран акредитиран комуникациско-информациски систем за безбедно ракување и размена на класифицирани информации. Презентацијата ја предводеа Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, и директорката на Оперативно-техничката агенција, Марија Јаническа.
Со акредитацијата на овој нов комуникациско-информациски систем (КИС), издаден е сертификат кој дозволува ракување со национални класифицирани информации во електронска форма со степен „Строго доверливо“. Овој систем нуди законски заштитена, сигурна, брза и ефикасна дигитална поврзаност и комуникација меѓу овластените и надлежни органи во процесот на спроведување на мерките за следење на комуникациите.
Како реформски производ, системот значително придонесува за унапредување на безбедноста и ефикасноста на правосудните процеси и истовремено спроведува контрола и надзор од страна на надлежните органи. Со оваа функционалност, правосудните и овластените органи ќе можат да се справуваат со организираниот криминал и корупција на побрз, ефикасен и сигурен начин, а при тоа ќе се почитуваат човековите права и слободи.
Споделувањето на информации помеѓу различни институции низ оваа платформа исто така ќе помогне во зајакнувањето на довербата на јавноста во правосудниот систем, што е од суштинско значење за создавање на безбедна и правична општествена средина.
Системот, во својата основа, претставува значајна иновација за Република Северна Македонија во борбата против криминалот и корупцијата, нудејќи нови можности за подобрување на оперативната ефикасност и интегритетот на институциите.