САД: Москва го дестабилизира Западен Балкан преку етнички тензии
Москва ги користи етничките тензии на Западен Балкан за да предизвика „нестабилност и да ја попречи интеграцијата на регионот во евроатлантските институции“, соопшти американскиот Стејт департмент.
Предупредувањето дојде откако пензионираниот американски генерал Весли Кларк, поранешен врховен командант на НАТО во Европа, неодамна рече дека Русија, која има блиски врски со српскиот претседател Александар Вучиќ, го користи Белград како марионета за да сее раздор во регионот.
Србија, која е кандидат за членство во Европската унија од 2012 година, одби да воведе санкции кон Москва поради нејзината агресивна војна против Украина, иако гласаше за неколку резолуции на ОН со кои се осудува руската агресија.
Тензиите се зголемуваат во последниве месеци во северно Косово, дом на значително етничко српско малцинство, и во Република Српска, ентитет со српско мнозинство во Босна и Херцеговина.
И лидерот на Република Српска, Милорад Додик е во пријателски односи со рускиот претседател Владимир Путин. САД и Велика Британија му воведоа санкции поради неговите напори да го поткопа Дејтонскиот мировен договор од 1995 година со кој заврши војната во Босна и Херцеговина.
Сепаратистичката политика на Додик е една од главните пречки за напредокот на БиХ кон членството во ЕУ откако таа стана кандидат за членство во 2022 година.
„Јасно е дека Русија не ја поддржува истата европска иднина за земјите од Западен Балкан што тие самите ги избраа и што луѓето од регионот ја заслужуваат. Русија настојува да ги искористи меѓуетничките тензии, да создаде нестабилност и да го попречи интеграција на регионот во евроатлантските институции“, изјави портпаролот на Стејт департментот за Радио Слободна Европа.
„Остануваме загрижени поради ризикот локалните тензии да прераснат во сериозни политички конфликти кои би можеле да ги потиснат земјите во регионот, на пример во северно Косово и со оглед на заканите за отцепување во Босна и Херцеговина. Ние тесно соработуваме со сите страни за да ги минимизираме тие ризици ," тој додаде.
Во северно Косово, во кое доминира српското население, тензиите остануваат високи по терористичкиот напад во септември 2023 година, во кој полицаец етнички Албанец загина по судирот со маскирани командоси предводени од косовскиот Србин Милан Радојчиќ, близок соработник на српскиот претседател Вучиќ.
Американскиот помошник државен секретар за Европа и Азија Џејмс О'Брајан неодамна ги идентификуваше тензиите во северно Косово и заканите на Република Српска за отцепување како главни безбедносни ризици на Западен Балкан.
„Затоа САД работат со земјите од Западен Балкан за зајакнување на регионалната соработка и унапредување на реформите кои ќе ги намалат можностите за злобно руско влијание и ќе донесат траен мир, стабилност и просперитет во регионот“, рече портпаролот.
„Руската агресивна војна против Украина ја нагласува итноста и важноста на овие приоритети“, додаде тој.