Турски документи: Илинденците се Бугари
М-р Драган Ѓоргиев во цариградските архиви заминал да истражува една работа, а во Македонија се вратил со друга, ексклузивна, со списоците на повеќе од илјада имиња и два албума на фотографии на македонски заточеници, кои турската власт ги фотографирала по апсењето.Така, нашите анонимни илинденци станаа познати на пошироката јавност. „Кога за време на престојот во Османлискиот архив во Истанбул во 2001 година случајно го пронајдов дефтерот со фотографиите на илинденците ослободени со општа амнестија од 1904 година од злогласниот затвор во Дијар Бекир, истражувањето кое тематски беше насочено кон сосема друга тема, а временски одеше неколку векови наназад, доби сосема поинаков тек. Претпоставката дека Дијар Бекир не може да биде осамен случај, го префрли истражувањето од 16 во почетокот на 20 век. И навистина, Дијар Бекир не беше единствен случај. Наредните денови следуваше откривањето на дефтерите за Битолскиот, Солунскиот и Скопскиот вилает. Мозаикот за идентитетот на сите затворени и амнестирани учесници во Илинденското востание и во македонското револуционерно движење непосредно пред самото востание, од територијата на цела Македонија, беше склопен", пишува м-р Драги Ѓоргиев во книгата „Амнестираните илинденци во 1904 година". Тој додава дека од откриените имиња голем број од нив се директни учесници во најславната македонска епопеја, кои учеството го платиле со долгогодишни казни по затворите од Скопје, Битола, Солун, до Дијар Бекир, Бодрум, Родос, Триполи во Сирија и Ака во Израел. Според турските документи речиси сите се декларирани како Бугари.