македонија27 ноември 2024 Влада: Фетаи и Дукај, соработка во полето на дигитализацијата и заштита од сајбер напади - 27 НОЕМВРИ 2024
Заменик претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, вчера во Подгорица се сретна со министерот за јавна управа на Црна Гора, Мараш Дукај. На средбата беа констатирани добрите пријателски односи меѓу двете земји и беше изразена подготвеноста за продлабочување на соработката на сите области.
Заменик претседателот на Владата Фетаи го информираше домаќинот Дукај за спроведување на европската агенда и посебно ja истакна важноста за спроведување на стратегиите за антикорупција и за транспарентност, како и обновувањето на соработката со Граѓанскиот сектор.
„Се подготвуваат измени на неколку закони за реформа на судството, администрацијата и за зајакнување на борбата против корупцијата“, рече Фетаи додавајќи дека посебно внимание се посветува и на изградбата на Коридорот 8 и на олеснување на процедурите за движењето на граѓаните во регионот.
Во врска со уставните измени, тој очекува брз напредок ако од новата бугарска влада се добијат гаранции дека нема да има нови условувања.
Министерот Дукај ги претстави резултатите од преговорите со ЕУ, позитивниот извештај за поглавјето 23 и 24, како и најавата за затварање на четири поглавја до нова година, за што клучен придонес дал албанскиот фактор во владата.
„Добивме ЕУ проект, кој предвидува донесување на два закони, за дигитализација и за заштита на критичната инфраструктура, како и основање на Центар за обука против сајбер криминал“, се пофали Дукај. Тој најави дека црногорската влада изготвува Закон за децентрализација, со кој ќе се зголемат надлежностите и финансиите на општините.