македонија28 ноември 2024 Влада: Фетаи и Сарацин разговараа за евроинтеграцијата и приоритетните реформи - 27 НОЕМВРИ 2024
Заменик-претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, денес се сретна со Специјалниот претставник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин. Средбата се одвиваше во отворена и конструктивна атмосфера, при што се разговараше за стратешките приоритети на Владата во контекст на европската интеграција.
Вицепремиерот Фетаи и специјалниот претставник Сарацин разменија мислења за неопходноста од забрзување на процесот на пристапување кон Европската унија, кој останува стратешка цел на Северна Македонија. Во текот на разговорот, Фетаи ја нагласи силната посветеност на Владата кон унапредување на клучните реформи, како што се зајакнување на правната држава, интензивирање на борбата против корупцијата и градење на стабилни и функционални демократски институции.
Посебен акцент беше ставен на зачувувањето и унапредувањето на меѓуетничката хармонија, како и на промоцијата на јазичната разновидност – вредности кои се основа на општествената кохезија и развој на земјата.
Специјалниот претставник Сарацин ја истакна важноста од исполнување на обврските кои произлегуваат од Преговарачката рамка и ги охрабри властите во Северна Македонија да го искористат поволниот момент за започнување на преговорите за членство. Тој нагласи дека во рамки на ЕУ постои широк консензус за потребата од проширување со земјите од Западен Балкан.