македонија28 ноември 2024 Влада: Мицкоски - Претходната влада свесно предизвикала милионска штета на државата преку еднострано укинување на концесија во Југоисточна Македонија - 28 НОЕМВРИ 2024
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање за изградбата на коридорите 8 и 10Д, истакна дека Владата одлучила робусно да пристапи кон реализација на изградбата на овие коридори со цел граѓаните да можат да ги користат, а притоа државата да се заштити и да не плаќа милионски суми за пенали како што се однесувала претходната влада која на мускули еднострано раскинала концесија, а сега треба да плаќаат милиони.
„Она коешто беше затекнато, а беше поврзано со изградбата на дел од Коридорите 8 и 10Д беше ништо повеќе од потпис ставен на договор, исплатени авансни средства во вредност од, во тоа време отприлика 15-16, мислам 17 милијарди денари отприлика, теренски работи нула и внимавајте ова беше многу важно. Првата владина седница, прв шок техничката влада на чело со Талат Џафери самата одлучила, значи го суспендирала Парламентот, не постои Парламентот, одлучила договорот да го зголеми за отприлика 300-400 милиони евра. Зошто? Затоа што констатирале дека трасата којашто самите ја поставиле, ја трасирале и која што води помеѓу и ги поврзува Гостивар со селото Букојчани поминува во периметарот на пештерата „Убавица“ и тоа ќе значи дека ќе треба истата да се поместува и тоа автоматски по себе значи отприлика околу 400, така нешто беше ако не се лажам, милиони евра плус. Значи на оние милијарда и 300 уште 400 милиони евра плус. Техничката влада, потпишано од Талат Џафери“, истакна Мицкоски и додаде дека ако државата се откаже од изградбата според договорот којшто е потпишан, би значело загарантиран пораз на арбитража и дополнителни најмалку 350-400 милиони евра.
„Ова е факт. Значи не се милијарда и 300, туку милијарда и 700. И тука не влегуваат трошоците за експропријација, тие ги плаќа ЈП „Државни патишта“, тука не влегуваат трошоците за дислокација на инфраструктурата, далноводи итн. цевководи и слично. Тука не влегуваат трошоците за расчистување на трасите, сечење дрва итн. Кога сето ова ќе го ставите во пакет, можеби најскромната сума ќе биде над 2 милијарди евра, бидејќи сето ова според договорот е на товар на државата. И ако го читате тој договор ќе видите дека на крај ако се откажете ќе мора да го водите процесот некаде во Велика Британија, бидејќи апликативни се законите на Обединетото Кралство и Велс коишто се сосема различен тип на закон. Не е тоа дел од континенталното право, правниците тоа подобро од мене го разбираат. Не, тука. Се повлекуваме од проектот нема да го градиме и завршуваме таму. Загарантиран пораз на арбитража од дополнителни 350-400 милиони евра најмалку. Најмалку е ова што ви го кажав“, подвлече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека Владата поради овие причини одлучила автопатот што побрзо да се изгради и да не се повторуваат грешките на претходната влада којашто еднострано укинала концесија и свесно направила милионска штета на државата.
„И тогаш седнавме и анализиравме. Што одлучивме? 250 милиони исплатени, спор од 350 милиони сѐ на сѐ 600-700 милиони ќе треба да ги плати државата, а претходно имавме информација за еден таков случај каде што владата еднострано на владина седница раскинува договор со една друга концесија во Југоисточна Македонија, процес којшто се води на арбитража, којшто го добива странката и којшто сега благодарение на оваа влада штетата којашто треба да се плати е 10-15 пати намалена. Тука има присутни пратеници коишто знаат за каков арбитражен процес зборувам. Затоа што е поништен по закон којшто е под „лекс специјалис“, односно закон за концесии и јавно-приватно партнерство. Отприлика таа е тежината на сето ова. Свесно е направена таа штета којашто сега граѓаните ќе треба со милиони да ја плаќаат“, истакна Мискоски и додаде:
„Одлучивме со сите ризици и потенцијални политички куршуми коишто ќе ги примиме да влеземе робусно во процесот и да ги засукаме ракавите и да испорачаме, да работиме и тоа го правиме. Денеска 10-тици километри барем на две траси се отворени. Другите две не можат затоа што едната од Требениште до Ќафасан голем дел од трасата е во периметарот заштитен со УНЕСКО, а 95% од трасата е приватно земјиште, а оваа другата од Тетово до Гостивар поради инсталации коишто треба допрва да се дислоцираат, водоводно снабдување, хидромелиоративните системи итн. тоа е друга тема. Физички не може да се почне, инаку и тоа би го почнале уште утре побргу да го завршиме за да можат граѓаните да го користат, а притоа да не плаќаме пенали“.