Тајланд ги откажа заедничките патроли со кинеската полиција по негодувањето во јавноста
Тајланд денеска ги откажа плановите за заеднички патроли со кинеската полиција во популарните туристички дестинации поради негативните реакции на јавноста, јавува Ројтерс.
Во неделата, туристичките власти предложија кинеската и тајландската полиција да патролираат во попосетуваните области за да се изгради доверба кај туристите, вклучително и кинеските државјани.
Сепак, планот наиде на критики дека го компромитира националниот суверенитет. Против предлогот се изјасни и шефот на полицијата во земјата.
„Има многу алтернативни начини за градење доверба меѓу туристите во Тајланд... но нема да имаме заеднички патроли“, изјави денеска пред новинарите министерот за туризам Судаван Вангсуфакијкосол. „Тајландската полиција сега е адекватна и работи напорно за да ја врати довербата“, додаде таа.
Тајландските власти ги зајакнаа безбедносните мерки по пукањето во луксузен трговски центар во Бангкок минатиот месец, во кое загинаа неколку луѓе, меѓу кои и еден кинески државјанин. Овој случај предизвика загриженост за безбедноста.
Обновата на довербата е од клучно значење за туристичката индустрија на Тајланд, особено меѓу кинеските посетители. Тие сочинуваа 11 милиони од рекордните 39,9 милиони пристигнувања на странски туристи во Тајланд во 2019 година, но нивното враќање по пандемијата СОВИД-19 беше бавно. Ова ја поттикна владата во септември да ги укине визните барања за кинеските граѓани.
Досега оваа година Тајланд пречека 23,2 милиони странци.