Богданци- Ветерниците, „маглата“ и цар Фердинанд Први
Пишува: Владимир Перев
Неправедно е именувано како село. Богданци никогаш не било село, без оглед на тоа што неговите жители отсекогаш се занимавале најмногу со земјоделие. Тоа отсекогаш било мало градче на луѓе со градска психологија и навики. Богданчани се луѓе со борбен менталитет и секогаш добро образовани. Богданци, тоа мало градче дало повеќе значајни личности во револуционерната борба и образованието, отколку некои поголеми места. Да, и во Богданци никогаш немало вистинска магла!
Најчесто во градчето се влегува од страната на Гевгелија и веднаш на почетокот човек се среќава со прекрасната зграда на печатницата “Софија“, некогаш најпознатата приватна печатница во Македонија. Сопственик е познатиот ликовен уметник Драги Семенпеев, попознат како Цапе. Службените простори на печатницата (работниот дел е на друго место) се вистинска галерија на слики и уметнички дела од сите познати македонски мајстори од поновото време, а меѓу нив може да се видат и платната на масло на самиот Цапе. Чисто е како во аптека, ама сопственикот вели дека работата тешко врви во последниве години-короната ја умртви работата, кризата со хартија влијаеше на висината на продуктот, а заинтересираноста на државата за печатарската работа е минимална. Сепак, се живее некако, резигнирано вели Цапе. Само тој си знае како успева да ја одржи уметничката колонија по графика во Богданци, цели 18 години.
Градчето е неверојатно чисто, а од секоја страна се гледаат бројните ветерници за производство на електрична енергија. Има преубави, нови куќи и задоволни и мирни луѓе. Се среќавам со мојот пријател Ристо и одиме во најубавиот ресторан во целата околија, “Бобо“. Чисто и блескаво, на терасата се пуши, а немирниот ветрец, вечно присутен во местото, ја прочистува атмосферата и дава енергија на ветерниците. Разговараме секогаш на иста тема-бугарското ВМРО, формирањето на ВМРО во 1990 година и нашите илузии, полека развеани и разминати, како да поминале низ ветрецот на Богданци.
Географијата и националната и конфесионална структура некогаш биле јасни, ми вели Ристо. На највисокиот дел од селото, над главниот пат биле сместени турците, веднаш под нив гркоманите, а под патот, најдолу бугарите. По Балканските војни и по Првата светска војна, турци веќе нема, а населението се измеша конфесионално, па сега само ние овдешниве, знаеме кој кому припаѓа и кој на која страна е наклонет. По времето на Војните, цитира Ристо, во Богданци имало оклу 1000 домакинства, од нив 2/3 биле бугарски, а останатите турски и една ромска. Бугарските домакинства биле поделени на 450 егзархиски, 150 гркомански, околу 40 унијатски и 7-8 србомански. Богданци, тоа мало градче, за време на Балканските војни дава 78 души во Македоно-Одринското ополчение, т.е. доброволци во бугарскиот армиски состав.
Денес, Богданци го губи населението. Од регистрирани некогаш околу 6 000 жители, денес има одвај 4 000 и тоа претожно постари, со изминат работен век. Градинарство речи си нема, а сточарската фарма е затворена. Функционира најмногу транспортната дејност со огромните камиони и многубројните шофери. Речи си сите имаат бугарски пасоши и слободно патуваат низ Европа. И тука работите се нејасни, магливи, ми вели Ристо. Најмалку 20 проценти од богданчаните имаат бугарско државјанство и документи кои ги користат за патувања низ Европа. Сето тоа е во ред, ама некои од носителите на “б’лгарско гражданство“ се најголемите плукачи врз Бугарија и бугарскиот народ. Нив сите ги знаат, се знае и во Бугарија, ама таму никој ништо не презема!
Разговорот секагаш се враќа на мојата и неговата омилена тема-човечкиот и револуционерен лик на Крсто Петрушев, “последниот атентатор“ на михајловистичката ВМРО. Говориме за неговиот човечки лик. Малку е познато дека Крсто Петрушев, за време на бугарското владеење со Македонија 1941-44 година, успева пред бугарските власти да го спаси физичкиот убиец на војводата Стојан Мандалов, во чија чета бил и самиот Крсто и присуствувал на неговата погибија. Физичкиот убиец е Ристо Станковиќ, кого Крсто успева да го спаси од смртна казна пред бугарските власти. Спасен од Крсто е и Тома Таушанов, младо момче кое тогаш ја биело камбаната за да се организира српската потера и убиството на војводата Мандалов.
Во 1941 година бугарски кмет во Богданци е Борис Џонов, кого истите бугари го убиваат во 1942 година. Обвинет е дека соработувал со комунистите. До денешен ден не е разрешена вистината, дали се работи за вистинска соработка, или само за човечка злоба…го има и тоа нешто на нашите пространства. По него се изредуваат неколку кметови, меѓу кои се издвојува личноста на познатиот македонски актер Кирил Ќортошев.
Времето по 1944 година ги носи своите трауми. Од новата комунистичка власт, убиени се (без суд и пресуда) видните граѓани, припадници на бугарскиот етникум во Богданци: Благој Кацаров, Крсте Јанев, Андон Љушев, Кирил Прочков и Ване Ванов. Некои, за да го избегнат теророт, бегаат преку границата и си заминуваат во Слободниот свет. Лично ги познавав семејствата на Топалови кои одат во Аргентина а потоа во САД и Бакарџиеви во Торонто. Беа револуционерни и верни на својот дух и воспитание!
Сакале или не, разговорот секако требаше да се сврти на (не)формираниот бугарски клуб во Богданци, Цар Фердинанд Први. И покрај уредената и комплетна документација, југословенскиот/српскиот сентимент на властите во Македонија и Богданци, го забрануваат неговото регистрирање во Централниот регистер. Објаснувањата за неговото нерегистрирање се нејасни, неиздржани и во начело, магливи! Со неговото име не одат придавките како фашист или освојувач. Ако е така, тогаш каков бил Александар Велики, чиј клуб сеуште постои овде. Да, фашист сигурно не можел да биде, ама она другото…не заслужува ни да се спомене! Забраната за регистрацијата на Клубот е најголемиот пораз на бугарската кауза во Богданци, а неговите основачи се првите жртви на оваа репресија.
Малкумина знаат дека вистинското дејствие на драмата на Чернодрински, “Македонска крвава свадба“, не се одигрува на некое поле, туку баш во Богданци. Главната хероина на драмата Цвета, де факто се вика Штефана Ланскова и е од Богданци. Презимето е германско-нордиско, како што има и други презимиња, како Рутеви и слично. Се смета дека тоа се останати велможи до Крстоносните војни, кои не се вратиле назад, ами останале во Богданци кое било нивни посед. Идењето на турците ја променило структурата на власта тука. Штефана Ланскова е грабната од турскиот бег кога дошла квечерина на чешмата во “турско маало“, да наполни вода. Така се кажува во драмата. Вистина е дека се водел процес во Солун, биле присутни конзулите од сите европски држави и Штефана е ослободенаод харемот на бегот и вратена дома. Така е створена Цвета и драмата на Чернодрински.
Богданчани се реални и шегобијни луѓе. Отидовме со Ристо да се фотографираме на чешмата, а еден од присутните постави две прашања, прво како факти, а потоа и со одговор: 1. Ако селанката не се викала Штефана, ами Цвета и не била Ланскова, дали германските и европските конзули би се заинтересирале за нејзината судбина, и 2. Што барала Штефана квечерина во турски маала да полни вода, кога вода во Богданци има насекаде? Се поставува и третото прашање-дали одењето кај бегот било доброволно, а враќањето дома преку судот во Солун присилно!?
Се простуваме со пријателот и се враќам за Скопје. Задоволен сум, ми подари две бутилки ракија-најубавата во Богданци! Да се знае!
Кој вели дека во Богданци нема магла? “Магливо“ е, многу магливо. Политички недоречености, традиционални национални определби, и историски конфесионални разлики. Новото време и остварената македонска самостојност треба да ги надминат разликите во поимањето на сопствената припадност кон Македонија. За тие нешта да се надминат, потребна е демократија. Тоа нешто во Македонија е “дефицитарна стока“, а толкувањето и примената на демократските и човековите слободи е слабоста на македонската политичка сцена.
Цар Фердинад Први “потона“ во македонската политичка магла. Останаа само ветерниците, ветрецот и чистиот воздух во Богданци и илузиите за политичка слобода на македонските бугари.
Преземено од https://tribuna.mk/bogdanci-veternicite-maglata-i-car-ferdinand-prvi/