Бугарско единство за Македонија
Пишува: Атанас Величков
На 9 јули годинава порталот Трибуна реобјави колумна на Николај Којчев- млад историчар од Бугарија, првично објавена на порталот www.koridor8.eu, во која авторот разгледува еден многу сериозен проблем, а именно не доволната ангажираност на Бугарија во одбележувањето на личности и датуми поврзани со историјата на Бугарите од Македонија.
Вистините што ги изнесува Којчев во неговиот напис беа потврдени со два настани само неколку дена по објавувањето на колумната. Првиот се случи на 14 јули (петок) во селото Дерманци, луковитско во Бугарија, а вториот ден потоа на 15 јули (сабота) пред Споменикот на револуционерите од Македонија, Беломорска и Одринска Тракија во бугарскиот главен град Софија.
Скромно, со мал број присутни беа одбележани годишните од раѓањата на двајца заслужни членови на историското ВМРО бугарскиот офицер Христо Чернопеев и блискиот соработник на Иван Михајлов, Кирил Дрангов- син на големиот бугарски офицер и воен педагог Борис Дрангов. Во Дерманци, ги видовме градоначалникот на општина Луковит Иван Грнчаров, неговиот заменик Георги Георгиев, кметицата на селото Галина Спасова, секретарот на ВМРО Јулијан Ангелов и други претставници на неговата партија. Во Софија, сликата не беше многу поразлична, повторно скромен број на луѓе и повторно познати ликови. Пред Споменикот на револуционерите од Македонија, Беломорска и Одринска Тракиja беа собрани претставници на Здружението на бугарските родови од Македонија, начело со ќерката на Кирил Дрангов, Рајна Дрангова, пратеникот од бугарскиот парламент Љубомир Талев, потомок на Шапкаревиот род, Елисавета Шапкарева, Евелина Александрова, потомка на Тодор Александров и се разбира активисти на младинската организација на ВМРО во Софија, меѓу кои неуморниот Стефан Грнчаров, човек кој ја заслужува сета почит за стотиците пати кога работел на организацијата на голем број настани поврзани со историјата на ВМРО и воопшто со историјата на Бугарите од Македонија.
Овој краток воведен дел е потребно да биде толку детален и со имиња бидејќи, токму тука се крие најголемиот проблем. Насекаде во одбележувањата на настаните од историјата на македонските Бугари, речиси секогаш се инволвирани едни и исти луѓе. Како темата, да не е интересна за голем дел од бугарското општество. Како да има мораториум, кој и како смее да одбележува личности и настани од историјата на географска Македонија. Мораториум кој самите општествени организации во Бугарија, освен погоре наведените си го поставуваат. Како тоа да е тема која не смеат да ја отвораат или пак не е од големо значење за Бугарија.
Ако некој се охрабри да искаже став во заштита на Бугарите во РС Македонија и бугарското историско и културно наследство овде, веднаш е квалификуван како националист или во последно време како човек на Радев или на Каракачанов. Таков е случајот со пратеничката од редовите на Демократска Бугарија Елисавета Белобрадова, која речиси секојдневно е мета на навреди, дека е човек на Радев и на Красимир Каракачанов од страна на неолибералната, а во суштина пребојадисана комунистичко-земјоделска буломента во Бугарија, чиј најгласен гласноговорник е Стефан Дечев. Последниот е, лик кој нема потреба од поголемо претставување. Па таа истата буломента, каде што се пројавуваат имињата на „децата на комунизмот“ како Вени Марковски (внук на раниот македонист, доцен живковист и вечен сталинист Венко Марковски) и Леа Коен (ќерка на Пепо Коен судија од Вториот состав на комунистичкиот Народен суд во Сливен), чувствува некаква дива жед во секоја прилика да ја покаже својата комсомолска самокритичност, кога станува збор за Бугарија, бугарската историја и се разбира случувањата на релација Скопје-Софија. Ако човек не ги познава би помислил дека образованието и воспитанието го стекнале во училиштата и универзитетите во Северна Македонија.
Но темата на овој напис не се „комунистичките пионерчиња и поранешни функционери“, кои со задоволство ги носат кофите со пепел за да ги истурат врз главата на Бугарија. Тие се само бледа копија на активистите од движењето Black Lives Matter, кои ги вандализираа спомениците на првиот американски претседател Џорџ Вашингтон, на италијанскиот морепловец Христофор Колумбо и на херојот од Граѓанската војна во САД, најистакнатиот генерал од редовите на Конфедерацијата Роберт Едвард Ли.
Поентата е во тоа што настаните и личностите од историјата на Бугарите во Македонија, остануваат како запазена територија само за одредени луѓе. Ја нема потребната масовност на одбележувањата, со чест на исклучоците на настани организирани да речеме во Благоевград или на Петрова нива кога се одбележува Илинденско-Преображенското востание.
Темата за Македонија не смее и не треба да биде резервирана само за одреден круг на луѓе во Бугарија, без разлика дали се работи за политичари или научни работници. За Македонија, Западните покраини и во сите места во кои живеат Бугари, кои и покрај сите премрежја не го заборавиле својот род, треба да има национален консензус, за нивната сегашност и масовност во одбележувањата поврзани со нивната историја. Само така Бугарија навистина ќе покаже дека се интересира за судбината на своите синови и ќерки останале во границите на соседните држави и пошироко. Нема како поинаку да се одговори на нападите од страна на РС Македонија и Србија. Не можеме да им се лутиме на политичките елити во тие земји, кога тие го прават тоа што треба да го прави Бугарија. Најмалку пак треба да им се лутиме на обичните луѓе во РС Македонија кои од сутрин до вечер се бомбардирани со антибугарска пропаганда.
Национално единство и масовност! Заборавање на сите партиски и други разлики кога станува збор за судбината на Бугарите и нивната историја во РС Македонија, Србија, Молдавија, Украина, Албанија, Косово! Како што пишува Којчев во неговата маестрална колумна не можеме да ѝ се лутиме на РС Македонија затоа што ги вади од заборавот историските ликови, кои се од огромно значење за Бугарија, но самата Бугарија може да направи многу повеќе за нивниот спомен.
Треба да се знае, дека не може десетина луѓе идеалисти да му оддаваат почит на Кирил Дрангов, а за тоа што тој не е доволно познат на широката бугарска јавност, виновни да бидат да речеме политичарите и научниците во Скопје. Нема логика!
Доаѓа Илинден! Прекрасна можност за отворање нови процеси. Имаме и округла годишнина- 120 години од избувнувањето на Илинденско-Преображенското востание. Ќе ја испочитуваме ли достојно саможртвата на Илинденци и Преображенци? Или ќе останеме доследни на научните конференции, каде на висок стил и пред тесен круг на луѓе научни авторитети ни го објаснуваат феноменот на изреката „Отидов мајко во комити“.
Борбата за историската вистина и за правдата треба да излезе надвор од универзитетите и читалиштата. Светот треба да види дека Бугаринот без разлика каде е роден, ги почитува тие кои се жртвувале за својот бугарски род и слобода. Поинаку не може!
PS: Групичката околу Стефан Дечев, составена од веќе спомнатите неолиберали, зачинета со „добри Бугари“, и Македонци што ја сакаат Бугарија ама многу се разочарале заради ветото, го осудуваше Христијан Пендиков-претепаниот секретар на веќе забранетото бугарско здружение Цар Борис III од Охрид, дека имал фотографии со европратеникот од редовите на бугарското ВМРО Ангел Џамбаски и еден пратеник од русофилската партија Преродба. Сакаа да го девалвираат и на некој начин индиректно да порачаат дека си го заслужил ќотекот. За да не стануваат Бугарите овде мета на такви осуди, се обраќаме кон сите бугарски политичари, општественици, новинари, научници и останатите бугарски патриоти- доаѓајте во РС Македонија, среќавајте сѐ со луѓето, кои откажуваат да го заборават својот бугарски корен. Разговарајте со нив, слушнете ги нивните проблеми, дајте им поддршка и сликајте сѐ, а потоа и направете нешто на дело за нивно добро. Само така ќе им ги затвориме устите на сите, кои кривецот за проблемите на релација Скопје-Софија го бараат само кај бугарската страна.
Ни дојде преку глава Бугарија да биде виновна за сѐ! Верувајте!
Да живее Независима Македонија!
Бог да пази Бугарија!
Слава на Украина!
Преземено од ТРИБУНА.МК