Македонските тетки-историчарки и улогата на четирите проклети букви
За да ја разбереме трагичноста на македонската историја од крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, кога сите околни народи околу нас се конституирале како меѓународно-правно признати субјекти на меѓународната карта на светот, за потоа и да нè поделат етногеографски меѓу себе, треба(ше) нашите квази историчари и особено карикатурални тетки-историчарки со коефициент на интелигенција помалку од една потполошка, без грам емоции и со максимална објективност да ѝ ја објаснат на историски неграмотната јавност целата историска вистина, односно да ги разложат причините и последиците кои доведоа до Букурешт и раздобјето на македонската етногеографска целина, а од тоа понатаму, да ги влечеме сите голготи на национален и државен план и до ден денешен, како реминисценција од нашето не толку далечно минато.
Но не, наместо тоа, тие јаваа на бранот на апокалипсата, дека македонската траорна историска разврска е заговор на светските зли сили (западни!), кои од дното на душата го беа мразеа македонскиот библиски народ, та не му дозволија национално да се ослободи и идентификува, рамо до рамо со преостанатите поробени под отомански јарем, балкански христијански народи, и им дозволија да нè поробат и поделат (делете ја, парчете ја, пак ќе биде на криминалците облечени во патриотско руво – вергина, нивна најмила)!
Историја на лаги, заблуди и манипулации!
Зошто, на пример, тетка Котларка, не ѝ објасни на јавноста, или пак на мене, како тоа првиот претседател на македонска историска револуционерна организација, првоначално го носела името „Бугаро-македонско-одрински револуционерни комитети“ (БМОРК)? Д-р Христо Татарчев, кој доживеал „епска“ старост за тие турбулентни историски времиња и останал до крајот на својот живот во италијанскиот град Торино (каде што и починал и беше погребан до 2012-та година. Коските му беа пренесени во Софија, наместо во Скопје), во веќе далечната 1952 година. Зошто кога со своите очи, го видел, го доживеал основањето и конституирањето на првата македонска држава („после Самоил“), во „Прохор Пчињски“ на 02. Август 1944, со АСНОМ, не пошол и тој како прв претседател на историската организација која се борела со децении за слободата на Македонија и македонскиот народ, да биде жив и директен учесник како делегат или уште повеќе како претседател на антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, рамо до рамо со еден Димитар Влахов, Методија Андонов-Ченто или Михајло Апостолски?
Каде бил и зошто не дошол и тој, како најголем Македонец и предводник на македонската револуционерна организација? Да не имал температура можеби или пак потпишал да игра за ФК Јувентус!? Дали тоа тетка Котларка, како експертка за македонското преродбенско и револуционерно движење и историја на балканските земји во деветнаесеттиот век, со посебен акцент на Бугарија, не ѝ го должи на јавноста како одговор? Еве мене, како историски неписмен, не ми се јасни овие дилеми. Ќе се запишам догодина на нејзиниот институт за историја, па се надевам дека како на бруцош, ќе ми ги разјасни овие тешки историски дилеми.
Другата тетка, Ачкоска, застапувала тези во својот историски наратив дека „Југославија не била добра држава за македонскиот народ и македонските патриоти, бидејќи тие страдале од негативните политики на федеративната власт, Јосип Броз и неговите соработници во Македонија“.
Оваа тетка-мисирка, знае да го даде одговорот зошто ниту еден, ама ниту еден, истакнат револуционерен војвода од македонската револуционерна организација ВМРО со сите нејзини варијации и деноминации до 1934 година, се нема јасно, гласно и недвосмислено декларирано како етнички Македонец во денешната идентификациона конотација, целосно различен од бугарската нација, та дури и да ја мрази, како што денеска, ние современите етнички Македонци ги мразиме Бугарите како наши окупатори и негатори!? Туку напротив, сите тие недвосмислено се декларирале за етнички македонски Бугари, односно за Бугари од географската област Македонија, т.е. за етнички Бугари и за роднокрајни / географски Македонци, не правејќи никаква разлика во терминот Македонец со Бугарин, дотолку повеќе, поистоветувајќи го тоа нешто, како едно те исто!?
Има ли оваа патриотка, противничка на Македонија во Југославија, објаснување на ова нешто?! Ете Тито, неговите соработници во Коминтерната и неговата Југославија беше лоша за македонските патриоти, бидејќи ги прати на Срем, а не на Солун, па Македонија остана во еден дел, а не цела, ама ќе го одговори ли прашањето зошто македонските патриоти од револуционерната ВМРО од 1893 до 1934 не создадоа никогаш, никаде, никаква македонска држава?! Не цела, туку со нивната политика доведоа да биде поделена во Букурешт и во Балканските војни? Ќе одговори ли на тоа нешто?
Или и тие биле под страшната пропаганда на бугарскиот бел двор, како луѓе кои го завршиле своето образование во Цирих , Линц и Салцбург, па толку биле умствено прости, и некој ги пропагирал дека се етнички македонски Бугари? Има ли тетка Вики, одговор на овие и вакви прашања и дилеми, или и кај нејзе треба да запишам наредна година историја, па да ми ги разјасни мене, како историски неук?
Македонска антипод / противречна историја!
Овој, во најмала рака, историски бизарен антипод, оваа кловновска историска карикатурална поставеност на целосна спротивност на нормалните факти, историски ликови и дејствија, нè доведе до еден ќор сокак и нас како нација и општество, но и Македонија како држава.
Децениската историска граѓа на фалсификувана историја, каде што согласно признанијата на покојните Иван Катарџиев и Блаже Ристоски, посткомунистичката номенклатура, кога ја градела новата модерна поствоена македонска нација, и кога требало да го изгради новиот национален наратив и историски мит, на целосна антибугарска (читај просрпска основа), со неподносливата левтерност и леснотија на инструментот „пречкртај Бугарин, пиши Македонец“ во историски наследени документи, нè доведоа до апсурд Кузман Шапкарев да го сметаме за етнички Македонец, собирач на народни умотворби, браќата Миладинови да сметаме дека го издале „Зборникот на Миладиновци“ (Бугарски народни песни), а првиот претседател на историското ВМРО, кој во тестаментот во 1942, напишал дека доколку после војната ресенска и кукушка општина останат во рамките на Бугарија, дел од имотот да им припадне нив, да го сметаме за етнички Македонец. И неговото име да ја краси Белата Палата, официјален партиски штаб на политичката партија, наследничка на неговата Организација, која денеска од петни жили се противи на внесувањето на Бугарите како малцинство во македонскиот Устав. Ваква шизофрена ситуација, не можел да предвиди ни најдобриот невропсихијатриски конзилиум во светот 130 години подоцна!
АВТОР: БЛАГОЈЧЕ АТАНАСОСКИ
Преземено од Новатв.мк