Охриѓанецот Љубчо Куртелов: Што ни даде Бугарија?
Следејќи ги медиумите за јавно информирање во Македонија најголем број од нив, исто како и коментарите во социјалните мрежи, се добива впечаток дека Бугарите се поцрни од ѓаволот. Окупатори, фашисти, татари… (Науката докажала дека бугарскиот народ нема татарско поткло, но и до денес не разбрав што им е тоа лошото на татарите). Но ајде да видиме што кажуваат аргументите. Онаа народната вели: „Пред фактите и боговите молчат”. Да го осветлиме периодот од создавањето на независна Македонија па навака.
- Бугарија прва ја призна независноста на Македонија. Во моменти кога Шекспир за нас би рекол: „ To be or not to be”, на 15 јануари 1992 година бугарското Собрание едногласно со акламација, донесе Декларација за признавање на Република Македонија, со што ја иницира меѓународната заедница да не препознае како независен политички субјект. Злобниците коментираат „Државата ни ја признаа, народот не.” Во дипломатската практика нема таква категорија – признавање на народи. Има ли документ на пример, дека државите признавајќи ја Белгија, ги признале одделно Фламанците и Валонците?
- Рускиот претседател Борис Елцин во авион на софискиот аеродром, под влијание на Жељу Желев, потпиша Декларација за признавање на Македонија, иако неговиот министер за надворешни работи Андреј Козирјев отворено ја поддржуваше грчката страна.
- Кога Милошевиќ му предлагаше на Мицотакис окупација и поделба на Македонија, Бугарија одлучно застана на позиција за неделивост и независност на младата држава. И ја спаси. Во раните 90-ти години мојот доста повозрасен пријател Љупчо Коцарев (сега покоен) ми предложи да ја посетиме Бугарија.Таму ме запозна со широк круг на негови пријатели. Во Софија, во неговата (огромна) канцеларија го посетивме адвокатот Димитар Попов – поранешен премиер на бугарската влада. Ви пренесувам што слушнав од него со свои уши. „Двајца (хрватски) офицери на ЈНА, испратени од Туџман, дојдоа во Софија и не информираа за планот на Милошевиќ да ја испрати Третата (Нишка) армија и пак да влезе во Македонија. Ние (бугарската влада) веднаш испративме ултиматум до Србија, дека ако нивната војска влезе во Македонија, ние ќе влеземе во Ниш. Тоа ги одврати.”
- За време на косовската бегалска криза 1999 година, Македонија беше преплавена со стотици илјади бегалци. На наша територија беа формирани времени прифатни кампови. Бугарија финансиаше еден од нив во близината на Гостивар. Таму беа сместени неколку илјади косовски Албанци.
- 2001 година. Тешки моменти за Македонија. Бугарија ни подари 104 тенка. Откако си ја свшија работата, беа пресечени и продадени како старо железо.
- Во Охрид, во близина на градската болница изгадени се бараки (куќи) за социјално загрозените семејства. Подарок од Бугарија.
- Во рамките на програмата „Помош за развој” Бугарија секоја година инвестира околу 500.000 евра во разни проекти. Конкретно: во Скопје и Охрид финансирани се центри за аутизам кои тековно се помагаат. Подарена е медицинска опрема на здравствени установи ширум Македонија.
- Сите овие години за илјадници студенти од Македонија осигурени се места во бугарските универзитети. Освен што школувањето е скоро бесплатно (таксата е иста како за бугарските студенти), на нашите високошколци им е доделена солидна стипендија и на секого е обезбедено место во студентските домови.
- И за крај збор-два за толку контроверзните државјанства. Најголем број од преку 100-тината илјади си ја печалат корката леб во западно европските држави, благодарение на „бугарските пасоши”. Претставете си ако таа „армија” од невработени беше дома, каква ќе беше политичката и социјална клима во Македонија.
Но денес е важно, не што и колку си дал, туку колку си успеал да се пофалиш дека си дал. Испаѓа дека формата е поважна од содржината.
P. S. Вчера Вучиќ ни донесе 4000 вакцини. Утрово на една ТВ контактна емисија слушам еден граѓанин како егзалтирано коментира: „Вучиќ е вториот Исус Христос”!
O tempora, o mores.
Извор: трибуна,мк