Претседател кој знае и следи сѐ, има големи уши, но не слуша дека Србија го убива Босилеград
Пишува: Едвин Сугарев (поет и политичар) за faktor.bg
Бугарите кај западниот сосед (Србија) се само пазарен материјал во геополитичкиот алуш-вериш на пријателите на Кремљ во Србија и Бугарија.
За време на неодамнешна посета на Бугарија, српскиот претседател Александар Вучиќ си дозволи слобода која е апсолутно непростлива за шеф на држава на европска земја. Да потсетиме: Србија тврди дека е една - или барем сака да стане таква, како членка на ЕУ, со „безрезервна“ поддршка на Бугарија. На прашањето на бугарската новинска агенција „БГНЕС“ за причините за намалувањето на населението во општина Босилеград за 40 отсто за десет години, како и за тоа колку еколошките проблеми во регионот се фактор за оваа депопулација, српскиот претседател го започна својот одговор на следниов начин: „Разбрав сè. Јас знам сѐ. И знам кој ти кажа да ме прашаш тоа. Добро следам кој е од Ниш, кој е од Босилеград и кој е од тамошниот Културно-информативен центар“.
Обрнете посебно внимание на зборовите „добро следам“. Како точно српскиот претседател води евиденција кој со кого и што разговара? За секој кој поминал некое време во Србија, одговорот е добро познат: „Александар Вучиќ има големи уши“.
Поранешната УДБА, денес наречена БИА, без никогаш да се реформира, му помага да слушне што си зборуваат луѓето што живеат во неговата земја. Или барем оперативно интересните од нив - во кои припаѓаат и претставниците на бугарското национално малцинство. Не случајно едно утро, на празникот Мала Богородица, карпите на патот кон Босилеград осамнаа со плакати „БИА дури и соништата ги убива“ и „БИА го убива Босилеград“.
Да, БИА го убива Босилеград.
Србија го убива Босилеград, без разлика што зборува српскиот претседател за бугарско-српското пријателство, без разлика на неговите прегратки со Румен Радев, а претходно со Бојко Борисов. Станува збор за дебугаризација на пограничните региони - како прикриена, но доволно конзистентна државна политика. За политиката не само на БИА, туку и на поборниците за „Голема Србија“, во која припаѓаат денешните српски владетели, а кои продолжуваат да ја гледаат Бугарија како главен непријател - и во овој контекст, присуството на Бугарите во пограничните регионите се непожелни и опасни. Следователно - нашите сонародници кои се таму од времето на Нојскиот договор треба или да бидат протерани или асимилирани. Првото се прави од крај време во Босилеград, второто се обидуваат да го прават во Цариброд.
Се надевам дека никој не е доволно наивен да мисли дека падот на населението на една општина за 40% за десет години може да се должи на природни причини. За тоа, постојат причини од различна природа кои го предизвикуваат овој демографски колапс. Како се прави тоа? Тоа се прави на многу начини. На пример, со тоа што не се инвестираат никакви средства во инфраструктурата и на тој начин се создаваат невозможни услови за живот. Пазарите за сѐ што се произведуваше во поранешен Босилеград беа во Бугарија, по Нојскиот договор општината се најде отсечена, со тешко проодни и долги патишта до српските градови, што го поскапе целото производство, го направи неконкурентно и замре целата индустрија. Градот е дом на невработеност, која е присутна и денес - повеќе од половина од жителите се невработени и преживуваат со скудни социјални бенефиции еднакви на околу сто евра месечно.
Што можат тогаш да прават жителите на Босилеград, кои и денес живеат во услови слични на оние од средината на минатиот век? Што прават - се иселуваат. Некои во Бугарија, некои каде што ќе најдат во поширокиот свет, некои во внатрешноста на Србија, каде што нивниот етнички идентитет брзо се замаглува.
Сепак, не е само тоа. Освен што живеат мизерно, жителите на Босилеград уживаат и многу специфична локална власт, која во лицето на постојаниот градоначалник веќе дваесет и две години Владимир Захариев управува со градот на феудален начин.
Зошто го избираат? Па, затоа што во овој град сè зависи од него. Само ако сте во добри односи со градоначалникот, само ако гласате за него заедно со вашето семејство, можете да сметате на социјални бенефиции, можете да започнете некој мал бизнис или да работите во претерано надуената општинска администрација (други работни места практично нема).
Не е само тоа. Нема нормална здравствена заштита – најблиската болница е на десетици километри, од другата страна на планината, а патиштата често се непроодни во зима. И кога бугарските лекари се обидуваат да направат бесплатни прегледи, наместо да ги пречекаат, тие ги апсат. Нема нормално образование - само мал број деца во овој чисто бугарски град учат бугарски, и тоа само неколку часа неделно.
Не сте знаеле за ова, господине претседателе? Чудно - би требало, нели слушате и знаете сè. Би требало да знаете, на пример, што се случи со спомен-плочите за жртвите од опожарувањето на Босилеград и околните села, што, инаку, ги изврши поручникот Коста Пеќанац, еден од хероите на Топлишкото востание, за кое вие зборувавте и во вашиот говор во 2017 година. Тие беа “уапсени“ на барање на вашиот штитеник Владимир Захариев, а беа вратени како дарежлив гест од ваша страна по вашата средба со Румен Радев во Цариброд.
Што се случи? Ништо. Тие не се поставени до денес. Дозвола за ова чекаат во салонот на КИЦ Босилеград веќе петта година. И никогаш нема да бидат поставени. Затоа што ако жртвите на едната страна се маченици и светци, забрането е да се зборува за жртвите на другата.
Бугарите немаат право на историско чествување.
Целиот текст прочитајте го тука.