31 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Внатрешната контрола на МВР утврди сериозни пропусти кај десетици службеници кои постапувале по пријавите за семејно насилство – предметот веќе е пред обвинителство
Вкупно 39 полициски службеници од Министерството за внатрешни работи (МВР) погрешно постапиле во случаите поврзани со пријавите за семејно насилство што ги поднесувала Ивана против својот сопруг Стојанче Јовановски, кој сега е обвинет за наведување на самоубиство.
Од МВР за „Слободен печат“ информираат дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди утврдил сериозни пропусти во постапувањето на службениците кои биле задолжени да реагираат по пријавите за насилство.
„Доставено е известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. За сите дополнителни информации, надлежно е обвинителството“, соопштија од МВР.
Од Обвинителството потврдија дека известувањето е примено и ќе биде предмет на постапување од страна на јавен обвинител во рамки на Специјализираното одделение за кривични дела сторени од лица со полициски овластувања.
Стојанче Јовановски бил повеќепати пријавуван за насилство – не само од неговата сопруга, туку и од нејзини блиски, соседи и случајни минувачи. Сепак, институционалната реакција била бавна и нецелосна.
Еден од најилустративните примери е случајот од 19 декември 2025 година, кога Ивана била физички нападната во парк во скопската населба Ѓорче Петров, пред нивната шестгодишна ќерка. Иако настанот бил пријавен, МВР испратило известување до Центарот за социјални работи дури по 45 дена – и тоа само за „прекршок на јавниот ред и мир“, без да го третира како семејно насилство.
Сличен пропуст е утврден и за настанот од 19 јануари 2026 година, кога Ивана била нападната во Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје. Според сведоштва, Јовановски ја турнал по скали, при што таа изгубила свест.
И покрај сериозноста на инцидентот, не е познато како полицијата постапила во овој случај, ниту дали биле преземени соодветни мерки. Внатрешната контрола, сепак, утврдила пропусти и во ова постапување.
Особено загрижувачко е постапувањето на полицијата на денот на трагичниот настан, кога Ивана го пријавила сопругот за насилство на јавни локации, во близина на Кривичниот суд во Скопје.
Иако имала видливи телесни повреди, полицијата не покренала постапка по службена должност – и покрај тоа што измените на Кривичниот законик, донесени еден месец претходно, тоа го дозволуваат дури и без согласност на жртвата.
Судењето против Стојанче Јовановски продолжува на 1 април. Тој се товари за наведување на самоубиство, како и за кривичните дела „телесна повреда“ и „загрозување на сигурноста“.
На првото рочиште, обвинетиот првично призна вина за дел од делата, но подоцна го повлече признанието, тврдејќи дека било дадено под притисок од сведок. Судот не го прифати признанието, оценувајќи дека не е дадено доброволно.
Јавната обвинителка ги отфрли ваквите наводи, посочувајќи дека за нив не постојат никакви докази.
Во судницата сведочеше и мајката на Ивана, која даде потресен опис на однесувањето на обвинетиот. Таа изјави дека насилството било континуирано и дека не биле поштедени ниту децата.
Според нејзиниот исказ, Јовановски во еден случај ги оставил Ивана и нивната малолетна ќерка на автопат во текот на ноќта, по физички напад.
Сведочењето открива длабоко вкоренет модел на насилство, кој со години бил игнориран или недоволно санкциониран од институциите.
Случајот отвора сериозни прашања за институционалната одговорност и ефикасноста на системот за заштита од семејно насилство. Утврдените пропусти кај 39 полициски службеници укажуваат на системски проблем, а не на изолирани грешки.
Додека судскиот процес продолжува, јавноста очекува одговори – но и конкретни мерки што ќе спречат вакви трагедии во иднина.
Крвав инцидент во Прилепскиот затвор: Осуденик нападнал цимер со остар предмет
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

