Агелер: Клучен момент за Уставниот суд и судството – запомнете за кого работите
Американската амбасадорка во Северна Македонија, Анџела П. Агелер, денеска истакна дека земјата се наоѓа пред клучен момент за Уставниот суд, за целото судство, но и за граѓаните. Обраќајќи се на тркалезната маса „Дали ни е потребен Закон за Уставниот суд?“, која се одржа во просториите на Уставниот суд, таа ги повика судиите да се потсетат на својата заклетва и на должноста што ја имаат кон јавноста.
„Ве молам, искористете го овој момент. Запомнете за кого работите и зошто сте поставени тука“, рече Агелер. Таа нагласи дека, иако законите во земјата можат да бидат комплексни, тие мора да бидат во служба на граѓаните. „Како партнери и пријатели, САД ја поддржуваат работата на судството со цел правдата да остане пристапна, непристрасна и втемелена во уставните вредности“, додаде амбасадорката.
Агелер ја поздрави иницијативата за поголема транспарентност на работата на Уставниот суд преку вакви јавни дебати, оценувајќи дека тоа е прв чекор кон зајакнување на довербата на граѓаните во судскиот систем. „Транспарентноста не само што гради доверба, туку и ја зајакнува основната улога на независноста на судството“, рече таа.
Во рамките на настанот, воведни обраќања имаа и претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, евроамбасадорот Михалис Рокас и германската амбасадорка Петра Дрекслер.
Тркалезната маса имаше за цел да отвори широка дебата за потребата од донесување на Закон за Уставниот суд, што би го уредил неговото работење. Презентација на анализата за ова прашање беше направена од тимот предводен од Карстен Манке, со вишите правни експерти Мартин Сопронов и Маргарита Цаца Николовска.
Ставовите на Уставниот суд ги претставија судиите Ана Павловска-Данева и Татјана Васиќ-Бозаџиева, а мислења дадоа и универзитетските професори Тања Каракамишева-Јовановска, Јетон Шасивари, Денис Прешова и Рената Дескоска. Од граѓанскиот сектор своите гледишта ги споделија Дарко Аврамовски од Коалиција „Сите за правично судење“ и Бојан Трпевски од Асоцијацијата на млади правници на Македонија.