05 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Активистката Мерсиха Смаиловиќ на социјалните мрежи сподели лично искуство со институциите откако помогнала на познаничка да пријави семејно насилство. Наместо реакција против насилникот, вели таа, системот ја повикал неа во полиција по пријава од истиот човек за наводно вознемирување.
Нејзината реакција доаѓа во период кога јавноста е потресена од трагичниот случај во скопската населба Тафталиџе, каде мајка се фрли од зграда заедно со својата шестгодишна ќерка, по долг период на семејно насилство.
Смаиловиќ раскажува дека неодамна заедно со познаничка отишла во полициска станица за да го пријават нејзиниот сопруг за семејно насилство. Наместо брза реакција, наишле на бирократски процедури и препраќање од една во друга институција.
„Чекавме, а потоа ни рекоа дека не сме за тука и да одиме во друга станица. Таму познаничката молчеше, јас зборував, барав права, се расправав. Полицијата само креваше раменици и ни рече дека ќе направат записник и да се јавиме во социјалните служби“, објаснува таа.
Според неа, дежурната линија на социјалните служби, на која биле упатени, не функционирала како што е предвидено.
Активистката вели дека од институциите наишле на незаинтересираност и оправдувања за насилникот, додека заштита за жртвата немало.
„Незаинтересирани, мрзеливи, со оправдувања за насилникот. Ништо не презедоа за да ја заштитат жртвата. Сите постапки беа во корист на насилникот“, вели Смаиловиќ.
Но, според неа, најголемото изненадување дошло една недела подоцна.
По неколкудневното обраќање во институциите, Смаиловиќ добила телефонски повик од полициска станица со барање веднаш да се појави, бидејќи против неа била поднесена пријава – од човекот кој бил пријавен за насилство.
„Ме повикаа веднаш да дојдам поради пријава за вознемирување од насилникот. Тоа беа истите службеници кај кои ние претходно го пријавувавме. Од мене бараа да потпишам дека повеќе нема да го вознемирувам“, раскажува таа.
Смаиловиќ вели дека била огорчена и разочарана од реакцијата на системот.
„Како е можно системот да дозволува насилникот да врши насилство без никој да реагира, а кога истиот ќе пријави дека сме го вознемирувале затоа што сме го пријавиле – јас веднаш бев повикана во полиција“, прашува таа.
По ова искуство, активистката вели дека нејзината порака кон жените кои се жртви на насилство станала многу порадикална.
„Оттогаш им велам на жените: не пријавувајте. Никој нема тука да ве штити – ни социјалните служби, ни МВР. Земете ги децата и бегајте. Бегајте од оваа држава во која системот функционира само за насилниците“, заклучува Смаиловиќ.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

