28 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Изјавите на вицепремиерот Александар Николовски, дадени од собраниската говорница, во кои беа споменати Албанија, премиерот Еди Рама и случајот со Илир Мета, предизвикаа дипломатска реакција од Амбасадата на Албанија во Скопје.
Во изјава за медиумот KOHA, Амбасадата нагласи дека внимателно ги следи политичките случувања во Северна Македонија, но има јасен став дека не се вклучува во внатрешните политички дебати на земјата домаќин.
„Сметаме дека внатрешните политички дискусии треба да се водат врз основа на институционална одговорност, во конструктивен дух и без повикување на трети земји или нивните лидери“, се наведува во одговорот.
Од Амбасадата потенцираат дека секој јавен функционер мора да биде свесен за тежината на своите зборови, особено кога тие можат да влијаат врз меѓудржавните односи.
„Јавните функционери, поради својата улога, треба да бидат внимателни за влијанието што нивните изјави може да го имаат врз односите меѓу државите и врз климата на соработка“, додаваат од дипломатската мисија.
Во однос на коментарите поврзани со Поградец и мерките против дивоградби, Амбасадата истакнува дека станува збор за внатрешно институционално прашање.
„Во Албанија пристапот кон бесправните градби е јасен и заснован на владеење на правото. Институциите постапуваат согласно законите, со цел заштита на територијата и обезбедување одржлив развој“, се наведува во ставот.
Во врска со споменувањето на Илир Мета, Амбасадата подвлекува дека сите случаи поврзани со поединци се третираат од надлежните институции, со целосно почитување на независноста на судството.
„Коментарите за индивидуални случаи треба да бидат внимателни и да не ја поткопуваат довербата на јавноста во институциите“, се додава.
И покрај актуелниот дипломатски момент, од Амбасадата нагласуваат дека односите меѓу Албанија и Северна Македонија остануваат стабилни и стратешки важни.
Двете држави се сојузници во НАТО и активно соработуваат во евроатлантските процеси, со заеднички интерес за стабилноста, безбедноста и развојот на регионот.
„Изолираните епизоди не можат да ја променат оваа реалност. Напротив, тие ја нагласуваат потребата од внимателна и одговорна комуникација и фокус на заедничките цели“, заклучуваат од Амбасадата на Албанија во Скопје.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

