17 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, додека на повисоките места во западните делови од земјата има мали остатоци од кашест снег на патиштата. Според последните информации од 08:00 часот, врнежи од снег со променлив интензитет се регистрирани на Попова Шапка, во Маврово и на планинскиот премин Стража, додека на преминот Буково има мешани врнежи од дожд и снег.
На патниот правец Тетово – Попова Шапка останува во сила забраната за сообраќај за автобуси, а за останатите возила задолжителна е употреба на зимска опрема. Во меѓувреме, укинати се забраните за тешките товарни возила на планинскиот премин Стража и на кракот Маврово – Дебар.
Потсетуваме дека од 15 ноември 2025 година е на сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталните временски услови, а мерката ќе трае до 15 март 2026 година. Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна засега нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ апелираат возачите да ја прилагодат брзината на движење, строго да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да управуваат внимателно, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите каде постои можност од појава на одрони. Особена внимателност се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Поради сезонски режим, патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица останува затворен за сите видови возила во периодот од 21 ноември 2025 до 31 март 2026 година.
Во тек се повеќе градежни активности низ државата кои предизвикуваат измени во режимот на сообраќај. На Коридор 10, на делницата Прилеп – Битола, сообраќајот е пренасочен по регионалниот пат Р1101. На скопската обиколница на автопатот А2 се врши рехабилитација на дел од коловозот меѓу клучките Волково и Кондово, при што левата лента за претекнување е затворена и сообраќајот се одвива по средната и десната лента.
На експресниот пат А2 Крива Паланка – Страцин, кај село Петралица, во периодот од 07:00 до 17:00 часот сообраќајот се регулира рачно поради градежни работи, додека во останатиот дел од денот се користи семафорска сигнализација. Времени измени на режимот има и на регионалниот пат Косоврасти – Мелнички Мост поради санација на свлечиште, како и на мостот на река Вардар кај Здуње на делницата Гостивар – Стража, каде е воведена наизменична пропустливост со семафори.
Поради градежни работи и девијации, сообраќајот на патниот правец Кичево – Охрид се одвива со пренасочувања, додека на автопатот А4 кон граничниот премин Блаце постои времен режим со двонасочен сообраќај на одредени делови. Целосно е затворена делницата на регионалниот пат Прилеп – Крушево – Сладуево меѓу Мало Коњари и Кривогаштани, при што сообраќајот е пренасочен согласно поставената сигнализација.
Дополнително, на патот Ново Лагово – Тополчани се применува времен режим поради активности поврзани со Коридор 8 и автопатот 10Д. За движење низ подрачјето Јасен важи посебен временски режим во утврдени термини во двата правци меѓу Скопје и Македонски Брод.
Вучиќ предупредува на напади од сите страни — дали Белград се плаши од Бугарија?
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

