05 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Економистот Фатмир Битиќи предупредува дека во наредните две недели граѓаните ќе го почувствуваат првиот ефект од ескалацијата на ситуацијата на Блискиот Исток, што според него ќе доведе до пораст на цените и зголемување на инфлацијата. Ова тој го изјави во емисијата „Click Plus“, нагласувајќи дека глобалните случувања директно се одразуваат врз економијата и куповната моќ на граѓаните.
Според Битиќи, ваквите економски притисоци најмногу ќе ги погодат сиромашните граѓани. Тој истакна дека парите што ги имаат домаќинствата со пониски приходи ќе вредат помалку, бидејќи со истата сума ќе можат да купат помалку производи и услуги. Тоа, според него, дополнително ќе го намали животниот стандард и ќе го отежни секојдневното функционирање на многу семејства.
Битиќи упати и критики кон приватниот сектор и бизнисите, нагласувајќи дека во периоди на криза често се забележува тенденција за искористување на ситуацијата преку зголемување на цените. Тој посочи дека дел од компаниите не се однесуваат доволно морално и етички во вакви околности.
„Бизнисите не се однесуваат секогаш морално и етички за време на кризите. Често токму тогаш ги остваруваат најголемите профити. Дури и кога бев дел од Владата и се обидувавме со различни мерки да го спречиме тоа, искуството покажува дека ваквите појави сепак се случуваат“, изјави Битиќи.
Тој нагласи дека институциите треба внимателно да ја следат економската состојба и да преземат мерки за заштита на граѓаните, особено на најранливите категории, доколку инфлацијата продолжи да расте.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

