24 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
По одлуката на судот поранешниот прв вицепремиер Артан Груби да биде ставен во 30-дневен куќен притвор со 24-часовен надзор, по неговото приведување на граничниот премин Блаце по повеќе од една година бегство, со реакција во јавноста се огласи Јане Ченто.
Ченто, преку објава на социјалните мрежи, направи споредба меѓу случајот на Груби и сопственото искуство со притворот, тврдејќи дека правдата во државата не се применува еднакво за сите граѓани.
„Артан Груби во куќен притвор, јас 28 месеци во притвор. Мене ми наместија предмет дека сум го прекршил куќниот притвор и ме вратија во Шутка по само 20 дена дома. Со камери во мојот дом докажав дека сум бил дома. Докази имаше. Снимки имаше. Од МВР тврдеа спротивно – и никому ништо, помина нивното. Сѐ беше џабе“, напиша Ченто.
Тој посочи дека повеќе од пет години бил влечен по судови за, како што наведува, дело за кое уште од почетокот се знаело дека не постои. Според него, на крајот добил правосилна пресуда во негова корист.
„Вистината исплива. Но изгубеното време, притисоците, понижувањето, кој ќе ги врати?“, прашува Ченто во објавата.
Во продолжение, тој реагира на, како што ги нарекува, различните „аршини“ во правосудството.
„Кога ќе ги гледам денешните правосудни ‘аршини’, не можам да премолчам. Правдата во оваа држава очигледно не е иста за сите. Може да нѐ наречете како сакате неколку од нас што не губиме надеж за тоа дека еден ден ќе дојде правда, но тоа е, ние ќе се надеваме. И да, ми се гади од лицемерието. Толку“, стои во неговата реакција.
Случајот со одредувањето куќен притвор за Груби и реакцијата на Ченто повторно ја отворија јавната дебата за еднаквоста пред законот и примената на мерките за обезбедување присуство во кривичната постапка.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

