19 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Пратеникот Миле Цеков отворено поддржа уставни измени и повика на попрагматичен пристап кон евроинтеграциите, отворајќи дилеми за единството во ЗНАМ
Пратеникот од ЗНАМ, Миле Цеков, јавно изрази подготвеност да ги поддржи уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот, со што се дистанцира од досегашната позиција на партиското раководство.
Во интервју за „Студио 10“ на 24 телевизија, Цеков изјави дека лично нема никаква резерва кон ваквиот чекор и дека би гласал „за“, оценувајќи дека државата „не губи ништо“ со тоа.
„Немам ништо против и да гласам за уставните промени. Јас лично немам ништо против тоа бугарскиот етникум да се внесе во Уставот – ние не губиме ништо од тоа. Треба да се пристапи кон дијалог и разговор, затоа што тие ни се први соседи и први соработници“, изјави Цеков.
Со ваквиот став, Цеков практично се разликува од претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, кој досега инсистираше внесувањето на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот да има одложено дејство – односно да стапи во сила по евентуалното членство на Македонија во ЕУ.
Цеков, пак, нуди поинаков пристап, насочен кон решавање на проблемот во сегашниот политички контекст.
„Се прашувам: која е другата алтернатива? За да има промена, преговарачката рамка треба да ја согласат сите 27 земји членки. Дали тоа е изводливо? Не знам“, рече тој.
Пратеникот нагласува дека државата мора да се соочи со реалноста и да донесе одлуки врз основа на тоа што е изводливо, а не врз основа на политички очекувања.
Според него, неизвесноста околу евентуална промена на преговарачката рамка ја става Македонија во позиција на долготрајно чекање, што дополнително ја продлабочува политичката стагнација.
„Нашите партнери ветуваат промени, но не знам дали тоа е реално. Прашањето е што правиме понатаму, затоа што и младите се прашуваат до кога ќе бидеме во ваква состојба“, изјави Цеков.
Цеков ја потенцира европската интеграција како клучен национален интерес, повикувајќи на појасна и поконзистентна стратегија.
Тој смета дека е потребен помалку конфронтирачки пристап, како во домашната политика, така и во односите со соседите, со цел да се деблокира евроинтегративниот процес.
„Европските челници јасно укажаа дека промена на патот кон ЕУ е тешко остварлива. Затоа треба да знаеме кој е нашиот реален пат и како ќе стигнеме до него“, нагласи тој.
Изјавите на Цеков отворија и прашање за внатрешната кохезија во ЗНАМ. Разликата меѓу неговиот став и позицијата на партискиот лидер сугерира дека во партијата можеби нема единствен пристап кон едно од најчувствителните политички прашања.
Во контекст на уставните измени, ваквите разлики не се само внатрепартиски, туку испраќаат пораки и кон меѓународната заедница, дека сè уште не постои јасен и усогласен политички став за излез од евроинтеграцискиот ќорсокак.
Украден бакарен лим од покривот на црквата „Свети Великомаченик Ѓорѓи“ во Чаир
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

