25 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Завршена е обдукцијата на втората жена поврзана со случајот во општина Старо Нагоричане, а првичните наоди потврдуваат дека и таа починала од насилна смрт. Ова за МИА го изјави директорот на Институтот за судска медицина, проф. д-р Александар Станков, посочувајќи дека писмениот извештај е во фаза на подготовка и најдоцна до понеделник ќе биде доставен до надлежното обвинителство.
„Станува збор за насилна смрт и кај втората помлада жена за која обвинителството побара ексхумација“, изјави Станков, нагласувајќи дека поради тековната истрага не може да сподели повеќе детали.
Од Институтот за судска медицина информираат дека се земени примероци за ДНК анализа и од претходната жртва – повозрасната жена од селото Челопек. И кај неа е утврдена насилна смрт. Примероци се обезбедени и од осомничениот, а во тек се сите потребни лабораториски анализи.
Според Станков, извештајот од обдукцијата и резултатите од ДНК анализите ќе бидат доставени до обвинителството во најкус можен рок, со што ќе се овозможи понатамошно процесуирање на случајот.
Од Основно јавно обвинителство Куманово соопштија дека истрагата е во тек и дека се преземаат бројни дејства за целосно расчистување на настаните. Во оваа фаза, поради интерес на истрагата, не се споделуваат дополнителни информации.
Осомничениот е обезбеден, а во наредните денови ќе биде извршена и негова психијатриска процена од стручен тим. Надлежните информираат дека се вршат распити на сведоци и се обезбедуваат дополнителни материјални докази.
Според информациите од СВР Куманово, на 12 февруари годинава осомничениот влегол во домот на 78-годишна жена во село Драгоманце, каде што физички ја нападнал и ја задушил со перница. Полицијата го лишила од слобода Т.Б. (25) од селото Малотино, поради сомнение дека сторил кривично дело убиство согласно член 123 од Кривичниот законик.
Тој се сомничи дека на 12 февруари во домот на М.С. (78) од село Челопек физички ја нападнал и ја задушил, при што таа починала на местото на настанот.
Дополнително, против осомничениот е поднесена кривична пријава и за други кривични дела – две „тешки кражби“ по член 236 од деловен објект и приватен имот, како и „кражба“ по член 235 од товарно моторно возило.
На 9 февруари бил пријавен и физички напад врз 86-годишно лице во селото Челопек, по што осомничениот бил приведен. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна кривична пријава.
Од обвинителството потенцираат дека станува збор за сложена постапка и дека сите надлежни институции работат интензивно на обезбедување докази. Повеќе информации ќе бидат соопштени по завршување на истражните дејства.
Со најновите наоди од обдукцијата, официјално е потврдено дека и двете жени поврзани со случајот во Старо Нагоричане починале од насилна смрт, а истрагата продолжува со цел целосно утврдување на сите околности.
Прв ден без прекршок за поминување на црвено од стартот на „Безбеден град“
Бугарија меѓу водечките дестинации за германски инвестиции во Југоисточна Европа
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

