ДЕНЕС Е ВЕЛИКИ ЧЕТВРТОК: Што велат традициите и обичаите?
Со Велики Четврток започнуваат велигденските празнувања – период кој за многумина претставува време на духовна подготовка, семејна блискост и негување на традицијата. Денешниот ден носи особено значење како четвртиот ден од Страсната седмица, пред големиот христијански празник – Велигден.
Верско значење и библиска симболика
Велики Четврток, познат и како „Чистиот Четврток“, е ден запаметен по неколку клучни библиски настани. На овој ден се одржала Тајната вечера, на која Христос го востановил Светото причестие – еден од најсветите моменти во христијанството. Истата вечер, Исус се молел во Гетсеманската градина, каде што подоцна бил предаден од Јуда Искариот.
Тој момент означува почеток на страдањата Христови. Ноќта меѓу Велики Четврток и Велики Петок, Христос бил мачен, камшикуван и изведен пред Понтиј Пилат. Иако Пилат не пронашол вина, под притисок на народот и фарисеите, ја изрекол пресудата. Со ставен трнов венец и носејќи тежок крст, Христос бил поведуван кон Голгота каде што бил распнат. Тоа е патот кој и денес е наречен „Патот на болката“.
Традиции и обичаи
Велики Четврток е ден исполнет со ритуали и обреди. Главен обичај е бојадисувањето на велигденските јајца – симбол на животот и воскресението. Според традицијата, јајцата се бојат токму на Велики Четврток, а првото јајце мора да биде во црвена боја. Ова ја симболизира Христовата пролеана крв.
Тоа прво јајце се користи за благослов – најстариот член од семејството му црта крст на челото на најмладиот, со желба за здравје и среќа. Потоа, јајцето се остава покрај иконата во домот и останува таму до следната година, како заштита од зли сили и неволји.
Покрај бојадисувањето јајца, жените традиционално минуваат поголем дел од денот во кујната, подготвувајќи велигденски лебови – наречени богова пита, кравај или квасник. Овие обредни лебови се украсуваат со непарен број јајца и се носат на благослов.
Народни верувања
Се верува дека на полноќ на Велики Четврток небото се отвора и душите на покојните слегуваат на земјата за да ги посетат своите најблиски. Тие остануваат 40 дена, до празникот Вознесение. Затоа, овој ден се поврзува со длабоко почитување кон мртвите.
Во минатото, Велики Четврток бил и ден кога се осветувале новите домови. Луѓето верувале дека токму на овој ден е најсилна заштитата од зли духови и болести.
Велики Четврток, со своето верско и културно значење, е потсетник за длабоката врска помеѓу традицијата и духовноста. Тоа е ден кога се слави љубовта, жртвата и надежта – вредности кои се вечни и универзални.