18 март 2026
• од Станча Јаќимовски
За само два и пол месеци цената на дизелот во Македонија доживеа драматичен раст – од околу 65 денари за литар на крајот од минатата година, до денешните 92 денари. Ова претставува зголемување од над 40 проценти, односно поскапување од дури 27,5 денари за литар, што предизвика сериозен притисок врз граѓаните и економијата.
Сличен тренд бележат и бензините, кои во истиот период поскапеа за околу 16,5 денари или приближно 23 проценти. Сепак, најголемиот ценовен „преврат“ се случи кај дизелот, кој сега е значително поскап од бензините – нешто што порано не беше случај на домашниот пазар.
Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика, цената на дизелот на 23 декември изнесувала 64,50 денари, а до 21 јануари се движела околу ова ниво. Но, од крајот на јануари започна континуиран раст – прво постепено до 68 денари, а потоа следуваше нагол скок: 69, 71, па дури 85,50 денари, за сега да достигне 92 денари за литар.
Овој ценовен шок, според експертите, е резултат пред сѐ на глобалните геополитички случувања. Особено значајно влијание има неизвесноста околу состојбите во Ормускиот теснец – една од најважните светски нафтени рути.
Најновите податоци од светските пазари не се охрабрувачки. Цената на суровата нафта „Брент“ се искачи на над 103 долари за барел, додека американската нафта достигна околу 97 долари. Причината е намалениот транспорт низ Ормускиот теснец поради безбедносни ризици и геополитички тензии, што предизвика едно од најголемите нарушувања во глобалното снабдување со нафта.
Теснецот, кој се наоѓа меѓу Оман и Иран, е клучна артерија за светската трговија со нафта – низ него дневно минуваат околу 13 милиони барели, што претставува речиси третина од глобалниот транспорт по море.
Дополнително, според РКЕ, само во последната пресметка цените на дериватите во земјава се зголемиле во просек за 8,98 проценти. Референтните цени на светските пазари пораснале за 16,9% кај бензините и 11,7% кај дизелот, додека и курсот на доларот бележи раст, што дополнително влијае врз конечната цена.
И покрај ваквиот раст, Владата засега не презема конкретни мерки за ублажување на ценовниот удар. Од таму велат дека внимателно ја следат ситуацијата и дека ќе реагираат доколку има потреба, но моментално се потпираат на „солидарноста“ на трговците.
Од друга страна, опозицијата бара итни интервенции – намалување на ДДВ и акцизите за горивата, како и поширок пакет мерки за ублажување на ценовниот шок, вклучително и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи и намалување на патарините.
Во меѓувреме, најавениот попуст од два денари за литар од страна на ОКТА за дистрибутерите останува нејасен во пракса, бидејќи најголемите компании, како „Макпетрол“, тврдат дека сè уште немаат официјална потврда за неговата примена.
Додека неизвесноста на светските пазари продолжува, клучното прашање останува – до каде ќе растат цените и дали државата ќе интервенира навреме за да го заштити стандардот на граѓаните.
Маслото достигна 100 денари – граѓаните алармираат за поскапувања во маркетите
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

