14 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, го алармира меѓународниот фактор во врска со, како што тврди неговата партија, можните последици од одлуките на Уставниот суд. Преку „нон-пејпер“ испратен до дипломатските претставништва во земјава, ДУИ предупредува дека одредени постапки и иницијативи во Уставниот суд би можеле да доведат до дестабилизација на меѓуетничките односи.
Според документот до кој дошла телевизијата ТВ24, во ДУИ сметаат дека отворањето на веќе затворени прашања поврзани со правата на Албанците го претвора Уставниот суд во, како што наведуваат, „параполитичка институција“. Во документот се тврди дека судот носи одлуки преку прегласување по етничка линија и со недоволно професионално образложение.
Ахмети во „нон-пејперот“ бара поддршка од меѓународните претставници за воведување на Бадентеровиот принцип во процесот на одлучување на Уставниот суд. Според него, тоа би придонело за поголема рамнотежа и доверба во институциите.
Како аргументи, ДУИ ги наведува последните случувања поврзани со одлуката за системот „Safe City“, укинувањето на т.н. „балансер“, постапките поврзани со Законот за употреба на албанскиот јазик, како и можните последици од отворањето на прашањата за „хаашките случаи“. Според партијата, овие прашања повторно се отвораат без доволна правна основа и може да предизвикаат политичка и општествена поларизација.
Во документот се наведува дека во голем број случаи гласањето во Уставниот суд се одвива по етнички линии, што, според ДУИ, ја зајакнува перцепцијата дека судот се претвора во институција со политичко влијание. Отворањето на прашања кои, според нив, одамна се решени, како и преиспитувањето на закони донесени со двојно мнозинство, може да доведе до дополнителни тензии во општеството.
ДУИ веќе побара оставка од претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, поради отфрлањето на иницијативите поврзани со „Safe City“. Во игра е и можноста за поднесување кривична пријава против него за, како што наведуваат од партијата, нарушување на уставниот поредок.
Од ДУИ тврдат дека меѓуетничката дестабилизација е поврзана и со политиките на владата предводена од Христијан Мицкоски, која, според нив, врши притисок за укинување на голем број одредби од Законот за употреба на албанскиот јазик.
Во „нон-пејперот“ се споменува и иницијативата поврзана со т.н. „хаашки случаи“, поднесена од Павле Трајанов, за која постапката во Уставниот суд сè уште е во тек. Според ДУИ, ова прашање може да предизвика значителен јавен интерес бидејќи директно се поврзува со Законот за амнестија.
Партијата тврди и дека Уставниот суд се претвора во инструмент на ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи го изборот на советникот на премиерот, Гоце Наумовски, за уставен судија како доказ за тоа.
Преку овој документ, Али Ахмети нагласува дека целта на ДУИ е зачувување на унитарниот карактер на државата со целосно почитување на Охридскиот рамковен договор. Според него, за тоа е неопходно воспоставување влада заснована на Бадентеровиот принцип, воведување двојно мнозинство при одлучувањето во Уставниот суд, поголема децентрализација и спроведување процес на ветинг во институциите.
Филипче: Мицкоски е чувар на столчето за враќање на вистинскиот шеф – Груевски
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

