10 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Ситуацијата со снабдувањето и цените на нафтените деривати во земјата, според Демократската унија за интеграција (ДУИ), го покажува неуспехот на Владата во справувањето со кризата која, како што велат од партијата, била најавувана со недели. Ова го изјави Албана Мустафа од ДУИ – огранок Чаир на прес-конференција, нагласувајќи дека граѓаните се соочуваат со несигурност и ненадеен раст на цените.
Според неа, од полноќ цената на дериватите е зголемена за 15 денари по литар, што претставува нов удар врз семејните буџети и бизнисите, во време кога животниот стандард веќе е под притисок.
Мустафа истакна дека случувањата на меѓународните пазари и геополитичките тензии кои влијаат врз цените на енергенсите не се појавиле ненадејно и дека институциите имале доволно време да преземат превентивни мерки.
„Ова не е изолиран случај, туку дел од низа неуспеси во начинот на кој Владата се справува со секоја криза – со многу пропаганда и малку конкретни мерки за заштита на граѓаните“, изјави таа.
Во тој контекст, од ДУИ предложија неколку итни мерки кои, според нив, треба да се преземат преку Собранието и надлежните институции.
Мустафа ја повика Регулаторната комисија за енергетика да ја преиспита одлуката за зголемување на цените на дериватите, почнувајќи од денес. Таа потсети и на изјавите дека државата располага со резерви на нафта за околу 62 дена, барајќи тие резерви веднаш да се пуштат на пазарот со максимална цена од 71 денар за литар, нагласувајќи дека се набавени по пониски цени.
Воедно, Мустафа побара Владата да ја разгледа можноста за намалување на фискалниот товар за нафтените деривати, вклучително и акцизите и другите давачки, со цел стабилизирање на цените и заштита на животниот стандард на граѓаните.
Дополнително, од ДУИ бараат инспекциските служби да ја проверат количината на гориво што бензинските пумпи ја имале пред зголемувањето на цените и за тие количини да се воведе замрзнување на цените, бидејќи биле увезени по пониски цени.
Исто така, партијата бара да се преземат мерки и санкции против операторите кои во текот на викендот и во понеделник не ги снабдувале граѓаните со гориво, во согласност со законските прописи.
„Не можеме да дозволиме некои да профитираат на сметка на граѓаните и нашите производители“, нагласи Мустафа.
Од ДУИ додаваат дека во ваква ситуација е потребна итна реакција и сериозно управување со кризата, посочувајќи дека партијата е подготвена да поддржи секоја одлука што има за цел стабилизирање на пазарот и заштита на интересите на граѓаните и економијата на земјата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

