29 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Компанијата „Дура“ веќе не е оперативна, додека „Аптив Македонија“ планира целосно да го прекине производството до крајот на 2026 година. За двете компании е утврдено дека ги прекршиле договорите за државна помош, поради што државата започна постапки за наплата, а случаите се наоѓаат во фаза на арбитража.
Ова го изјави директорот на Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ), Гоце Димовски, во вечерашното интервју во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма. Тој посочи дека ТИРЗ најмалку еднаш годишно врши ревизија на сите компании кои користат државна помош, со цел да се утврди дали ги исполнуваат обврските предвидени во договорите.
„И за ‘Аптив’ и за ‘Дура’ беа побарани такви ревизии. Кај ‘Дура’ беше утврдено прекршување на договорот за државна помош“, изјави Димовски.
Според него, од страна на државата се преземени сите договорно предвидени мерки за наплата на доделената помош, вклучително и затезната камата. „Дура“ повеќе не произведува, а околу 60 работници останале без работа. Во моментов, за објектот на компанијата постои интерес од неколку други инвеститори, со кои се водат преговори за преземање на капацитетот и продолжување на производството.
„Постапката за наплата на државната помош од ‘Дура’ е во тек и се води преку арбитража“, нагласи директорот на ТИРЗ.
Во однос на „Аптив“, Димовски информираше дека компанијата спроведува глобални реструктурирања, и покрај тоа што станува збор за профитабилна и финансиски стабилна корпорација.
„Тие реструктурирања резултираа со одлука да се затвори ‘Аптив Македонија’. Планот е компанијата целосно да го прекине производството до крајот на 2026 година“, рече тој.
Дополнително, во текот на 2025 година, согласно интерните правила и процедури на ТИРЗ, била спроведена контрола и кај „Аптив“, при што ревизорскиот извештај утврдил прекршување на двата договора за државна помош.
„Компанијата е запознаена со наодите и има обврска да ја врати државната помош. Дел од даночните олеснувања веќе се наплатени преку Управата за јавни приходи, а сега следува наплата и на обврските кон ТИРЗ“, истакна Димовски.
Со овие постапки, институциите најавуваат дека ќе продолжат со засилена контрола и заштита на јавните средства, со цел државната помош да се користи исклучиво во согласност со договорите и законските обврски.
Кривична пријава против Марко Беслимовски за штета од над 14 милиони денари
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

