28 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Амбасадорот на Европската Унија во Скопје, Михаил Рокас, порача дека Северна Македонија има целосна поддршка за членство во Европската Унија, но дека во актуелниот период од клучно значење е постигнување внатрешно обединување околу евроинтегративниот процес. Според него, само преку широка политичка и општествена согласност може да се надминат постојните пречки и да се забрзаат неопходните реформи.
Рокас говореше на презентацијата на истражувањата „Анализа на јавното мислење за пристапување во ЕУ (2014–2025)“ и „Нови глобални неизвесности, стари европски обврски“, одржана во Собранието. Тој нагласи дека консензусот треба да ги опфати институциите, опозицијата, граѓанскиот сектор, деловната заедница и младите, со цел целосно да се искористи моменталниот политички контекст.
Иако дел од граѓаните надворешните фактори ги гледаат како главна пречка за членство во Унијата, Рокас смета дека со внатрешно единство тие бариери можат да бидат надминати. „Ако постигнеме единство, пречките ќе се надминат. Ова не е само можност, туку специфичен политички момент кој не може да се спореди со ситуацијата од пред неколку години“, истакна евроамбасадорот.
Тој посочи дека Европската Унија и натаму е партнер со највисоко ниво на доверба кај македонските граѓани. Како особено позитивен сигнал го издвои растот на поддршката за членство, која, според последното истражување, се зголемила од 61 на 71 процент. Најголема поддршка, како што беше нагласено, доаѓа од младите, при што се забележува и намалување на етничките и политичките разлики во ставовите.
Меѓу приоритетите на граѓаните, Рокас ги наведе реформите во владеењето на правото, борбата против корупцијата и заштитата на животната средина. Охрабрувачки, според него, е и зголемениот број граѓани кои веруваат дека земјата реално ќе стане членка на Европската Унија.
На настанот се обрати и германската амбасадорка Петра Дрекслер, која истакна дека е важно континуирано да се следи како се обликува и менува јавното мислење за евроинтеграциите. Таа оцени дека, и покрај сериозните глобални и геополитички предизвици со кои се соочува Европа, интеграцијата на земјите од регионот останува стратешка и непроменета цел.
Според Дрекслер, резултатите од истражувањето покажуваат зајакнување на кредибилитетот на пристапниот процес и запирање на трендот на намалена доверба кај граѓаните. „Процесот не се сведува само на економски придобивки. Клучни се чувството на припадност, функционалните институции, владеењето на правото и суштинските реформи“, нагласи таа.
Како заклучок, беше истакнато дека добиените податоци треба да послужат како основа за дефинирање на јасен и реален пат за напредок на земјата во наредниот период.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

