17 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржа прес-конференција на која испрати јасна порака дека нема да дозволи обиди за внатрешно разединување на партијата, за кои посочи дека доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ преку поединци.
Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче нагласи дека СДСМ се соочува со, како што рече, „криминална и корумпирана власт“ која, според него, не може да го запре падот на својата поддршка кај граѓаните.
„Јас нема да дозволам да ја делат СДСМ понатаму затоа што имаме работа со криминална и корумпирана власт којашто ништо не може да направи за да го спречи падот на анкетите, којшто е евидентен. Таков пад на ВМРО-ДПМНЕ до сега немало, додека ние бележиме раст. Единственото нешто што може да го прават е да се обидуваат да ја делат партијата одвнатре“, истакна Филипче.
Тој потенцираше дека СДСМ нема да дозволи вакви сценарија, нагласувајќи дека обидите за разединување се дел од стратегија за задржување на власта.
„Нема да дозволам, ќе повторам, ВМРО-ДПМНЕ преку разни поединци да ја ситни и да ја дели оваа партија“, рече Филипче.
Во своето обраќање, тој потсети дека вакви обиди имало и во минатото, наведувајќи конкретни примери од последните години.
„Такви процеси се случуваа и претходно. Во 2021 година имаше слични случувања, во 2024 година имавме силна националистичка и лажна кампања, а во 2025 година самиот Шилегов призна дека не работел за СДСМ. Има и други луѓе кои не придонеле за резултатите на изборите“, додаде Филипче.
Според него, ваквите внатрешни слабости се една од причините за изборните резултати, но истакна дека тоа повеќе нема да се толерира.
Филипче заклучи дека пред СДСМ стои сериозна задача – борба за опстанокот на партијата и за европската иднина на државата.
„Имаме обврска пред граѓаните и пред државата. Се бориме за европската иднина и затоа нема да дозволиме никакви обиди за разединување“, подвлече претседателот на СДСМ.
Маслото достигна 100 денари – граѓаните алармираат за поскапувања во маркетите
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

