10 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Полицијата на Северна Македонија спроведува обемна истрага за да утврди каде завршиле прехранбени производи во вредност од околу 70 илјади евра од магацините на владината бифеа. Според официјалните документи, производите биле евидентирани, но при физичка контрола тие не биле пронајдени.
Како што се наведува во извештајот на Државниот завод за ревизија за работењето на Службата за општи и заеднички работи, пописот за 2024 година утврдил несогласување од 4,2 милиони денари меѓу сметководствената состојба и реалната состојба на терен. Иако претставниците на службата пред ревизорите се обиделе да го оправдаат недостигот како „природна загуба“ во текот на работењето, главните сомнежи укажуваат на можноста дека храната била нелегално продавана, а парите завршиле во приватни џебови.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, го потврди постоењето на разликите, но одби да навлегува во детали, нагласувајќи дека случајот е предаден на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи.
Покрај скандалот со исчезнатата храна, ревизијата открила и низа апсурдни ситуации поврзани со вработувањата во владниот авио-сектор. Било утврдено дека за работното место помошник-диспечер се бара професионална лиценца, додека за повисоката позиција – диспечер – овој услов бил избришан од огласот. Ова довело до парадоксална состојба во која лиценцираниот помошник морал да го менторира својот нововработен надреден, кој немал лиценца и бил испратен на обука дури по вработувањето. Томовски објасни дека станува збор за одлука наследена од претходното раководство, која тој морал да ја потпише за да се избегнат финансиски санкции за институцијата.
На крајот, од институцијата информираат дека е започнат и процес за расчистување на застарената државна возна флота. Вкупно 104 расипани и нефункционални возила, кои со години зафаќаат простор на паркингот кај објектот на МРТ, ќе бидат продадени како старо железо, со што треба да се стави крај на долгогодишната негрижа кон овој државен имот.
„Пратениците нека дојдат и пешки – Собранието утре ќе работи“, порача Гаши
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

