06 април 2026
• од Станча Јаќимовски
Професорот по право Гордан Калајџиев ја прошири листата на случаи што, според него, треба да бидат предмет на ревизија, приклучувајќи се на јавната дебата што ја отвори неговиот колега Тони Дескоски. Во свој коментар објавен на социјалните мрежи, Калајџиев посочи дека покрај веќе споменатите предмети, постојат и други судски процеси кои, како што наведе, носат обележја на политичка мотивираност.
„Се согласувам со Тони. Кочани мора веднаш да се ревидира обвинението. За Жан Митрев сум пишувал и порано. Има и други политички монтирани процеси. На пример, Скопје 2014; Артан Груби и сл.“, напиша Калајџиев.
Со оваа изјава, професорот дополнително ја прошири листата на случаи што дел од правната јавност ги смета за спорни и кои, според нив, заслужуваат темелно преиспитување. Меѓу нив, покрај трагедијата во Кочани и предметот поврзан со кардиохирургот Жан Митрев, се најде и актуелната истрага за Артан Груби.
Случајот со Груби се однесува на наводни злоупотреби поврзани со Државната лотарија и набавка на ВЛТ апарати, а во јавноста веќе предизвикува контроверзии и поделени мислења. Дел од експертите укажуваат дека постои потреба од поголема транспарентност и правна јасност, додека други предупредуваат на можни политички влијанија врз истрагата.
Овие ставови доаѓаат во време кога се засилуваат критиките кон работата на обвинителството и правосудниот систем во целина. Сè погласни се повиците за сеопфатна ревизија на високо профилираните предмети, со цел да се утврди дали постапките се водени согласно законите и без политички притисоци.
Правните експерти сметаат дека ваквата ревизија би можела да придонесе кон враќање на довербата на јавноста во институциите, која во изминатиот период е значително нарушена. Според нив, клучно е да се обезбеди независност и непристрасност на судските процеси, како основа за владеење на правото.
Дебатата што ја отворија Калајџиев и Дескоски се очекува да продолжи и во наредниот период, со вклучување на пошироката стручна и политичка јавност, но и со можни институционални реакции околу предложените ревизии.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

