27 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Системот „Безбеден град“, кој беше промовиран како алатка за зголемување на сообраќајната безбедност, веќе се соочува со сериозен тест на кредибилитетот. Речиси 500 приговори само во еден месец отвораат прашања дали технологијата функционира прецизно или граѓаните и компаниите се соочуваат со автоматизирана неправда.
Според податоците од Основен кривичен суд Скопје, во февруари биле поднесени 476 приговори, од кои дури 431 од правни лица и 45 од физички лица. Фактот што најголемиот број приговори доаѓаат од компании, меѓу кои и лизинг-компании, укажува на системски проблем – камерите регистрираат прекршоци кај возила кои можеби веќе смениле сопственик или корисник, но административните процедури не биле навреме ажурирани.
Судот постапил формално – сите приговори биле заведени и во рок од осум дена вратени до Министерство за внатрешни работи за изјаснување. Но суштинскиот проблем останува: до овој момент нема ниту една правосилна судска одлука за прекршоците евидентирани преку системот „Safe City“ по кои е поднесен приговор. Тоа значи дека стотици случаи стојат во правна неизвесност.
Дополнително, најчестите приговори се однесуваат на сериозни прекршоци – брзо возење, поминување на црвено светло и нерегистрирани возила. Ако дел од овие казни навистина се изречени погрешно, тогаш станува збор за потенцијално масовна грешка со финансиски и правни последици. Ако, пак, прекршоците се реални, тогаш бројот на приговори покажува ниско ниво на доверба во системот.
Проблематично е и тоа што системот не е рамномерно поставен на целата територија на државата, што отвора дилеми за селективна примена. Имаше и забелешки дека прекршочните постапки треба да се усогласат со Законот за јазици, што дополнително ја усложнува правната рамка.
Додека од Министерството тврдат дека прекршоците се намалуваат и безбедноста се зголемува, бројките за приговори испраќаат поинаква порака – дека имплементацијата можеби е избрзана, без доволна техничка и правна прецизност. Во вакви околности, на потег е судот, но и институциите да докажат дека „Безбеден град“ навистина значи безбедност, а не административен хаос.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

