30 јануари 2026
• од Гоце Кически
Политичкиот аналитичар Никица Корубин во обемна јавна изјава отвора суштинска дебата за позицијата на Северна Македонија во меѓународниот поредок, користејќи ја метафората „картите“ како симбол за реалната моќ и капацитет на државите во глобалната политика.
Повод за анализата е, како што наведува Корубин, „легендарната“ забелешка на американскиот претседател Доналд Трамп упатена кон украинскиот претседател Володимир Зеленски, со која беше сугерирано дека Украина нема доволно сопствени ресурси да се спротивстави на руската агресија без надворешна поддршка. Според Корубин, таа изјава ја отсликува суштинската дилема за секоја држава: дали нејзината позиција се темели на сопствена сила или на меѓународниот правен поредок.
Тој нагласува дека за „мала држава“ како Северна Македонија не постои реална опција за целосна автономија во одлучувањето без последици. „Нашиот опстанок, во кој било спектар – било ‘конзервативен’, било ‘либерален’ – неизбежно зависи од другите и од системот на сојузи и договори“, наведува Корубин.
Во таа рамка, аналитичарот ги поставува клучните прашања: ако се прифати логиката на сурова моќ, кои се „нашите карти“? Ако, пак, се прифати либералниот модел на сојузи на мали и средни држави, зошто се одложуваат уставните измени и интеграцијата во Европската унија, иако земјата е кандидат со долгорочна јавна поддршка за членство?
Корубин потсетува дека и во сценариото на доследно почитување на меѓународниот правен поредок, Северна Македонија има јасни обврски: Преспанскиот договор, Охридскиот рамковен договор и Договорот со Бугарија. Според него, овие договори се дел и од европската преговарачка рамка и од безбедносните политики на Соединетите Американски Држави, кои во однос на земјата и регионот имаат речиси идентичен став со ЕУ.
„Со или без карти, големите актери ја темелат својата супериорна позиција токму на договори што кај нас систематски се компромитираат, а кои всушност го гарантираат нашиот опстанок“, оценува тој, додавајќи дека нивното почитување е предуслов за секоја реална визија за иднината на државата.
Во завршницата, Корубин заклучува дека сите можни сценарија водат кон ист исход: уставни измени и целосно исполнување на преземените обврски, со итно започнување на преговорите со ЕУ. Тој оценува дека членството на Северна Македонија во Унијата е и стратешки интерес на САД, без простор за „изговори“ или одложувања на штета на граѓаните.
„Мислењето е одамна дадено – преку преговарачката рамка и договорите. Одлуката, пак, треба да дојде од нас“, порачува Корубин, оценувајќи дека тоа е единственото сценарио во кое државата може да опстане како функционална и цивилизирана, „веднаш и без дополнителна политичка одлука – и без никакви карти“.
Не Бугарија, не Брисел – туку Мицкоски: вистинската причина за застојот кон ЕУ
Кривична пријава против Марко Беслимовски за штета од над 14 милиони денари
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

