19 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Во гостување во подкастот „Коридор 8“, политичката аналитичарка Никица Корубин упати критика кон начинот на кој македонските медиуми и јавноста ја третираат темата за Бугарите во државата и нивното евентуално внесување во Уставот.
Корубин посочи дека во домашните медиуми често се користи формулацијата „Македонци со бугарска самосвест“, наместо едноставно да се прифати дека некој се идентификува како Бугарин. Според неа, ваквата терминологија претставува форма на дискриминација уште на почетокот на дебатата.
„Ние тоа не го правиме за другите. Не велиме ‘Македонец со српска самосвест’ или ‘со албанска самосвест’. Зошто тогаш го правиме тоа кога станува збор за Бугарите?“, прашува Корубин.
Таа смета дека со ваквиот пристап се релативизира и проблематизира идентитетот на одредена група граѓани, наместо тој да се прифати како лична и легитимна определба.
Корубин ја оспори и тезата дека идентитетот е прашање на „чувства“ или „самосвест“ што треба дополнително да се анализира. Според неа, во демократско општество никој – ниту медиум, ниту политичар, ниту институција – нема право да го оспорува идентитетот на другиот.
„Ако некој вели дека е Бугарин, јас прифаќам дека е Бугарин. Не ја анализирам неговата самосвест, како што не ја анализирам ни на другите“, истакна таа, додавајќи дека токму тука лежи суштината на демократските вредности – правото на самоопределување.
Во контекст на дебатата за внесување на Бугарите во Уставот, Корубин оцени дека отпорот кон ова прашање произлегува од подлабок историски и идеолошки наратив. Според неа, се работи за одбрана на една „федерална“ или „постјугословенска“ историска проекција која сè уште доминира во јавниот дискурс.
Таа смета дека признавањето на постоењето на македонски Бугари го доведува во прашање тој наратив и отвора простор за поинакво читање на историјата и идентитетските процеси во регионот.
Заклучокот на Корубин е дека суштината на демократското општество лежи во безусловното прифаќање на правото на секој граѓанин да се самоопредели. Сè друго, според неа, претставува ограничување на основните слободи и продолжување на старите идеолошки матрици во нов политички контекст.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

