10 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Северна Македонија се најде на 84-то место од вкупно 182 земји и територии на Индексот за перцепција на корупцијата (CPI) за 2025 година, со освоени 40 поени на скала од 0 до 100, покажува најновиот извештај. Иако земјата го задржала истиот број поени како и во 2024 година, напредувала за четири позиции на ранг-листата, кога беше на 88-то место.
Годинешниот извештај на Индексот за перцепција на корупцијата укажува дека корупцијата и натаму претставува сериозна закана за повеќето земји во светот. Се предупредува дека слабеењето на демократските механизми за контрола, како и зголемениот притисок врз независните медиуми и граѓанското општество, ја намалуваат транспарентноста и отчетноста на владите, што создава поволна средина за ширење на корупцијата.
CPI ги рангира земјите според перцепцијата за корупција во јавниот сектор, при што 0 означува високо ниво на корупција, а 100 – високо ниво на транспарентност. Глобалниот просек за 2025 година изнесува 42 поени, што претставува пад, а повеќе од две третини од земјите имаат резултат под 50 поени. Најлоши резултати бележат земјите од Источна Европа, Блискиот Исток и Африка.
Од „Транспаренси Интернешнл“ нагласуваат дека бројот на поени е поважен од самото место на листата, бидејќи рангирањето може да варира поради промени во бројот на вклучени земји, додека резултатот пореално го одразува нивото на перцепирана корупција.
Во регионот на поранешна Југославија, Босна и Херцеговина е рангирана на 109-то место со 34 поени, што претставува влошување во однос на лани. Србија има 33 поени и е на 116-то место, но бележи благ напредок. Словенија, иако останува најдобро рангирана во регионот, е на 41-во место со 58 поени, што е полош резултат во споредба со претходната година.
Од соседните земји, Албанија е на 91. место со 39 поени, што претставува пад. Бугарија има ист резултат како Северна Македонија – 40 поени. Грција бележи значителен напредок и со 50 поени се наоѓа на 56. позиција, додека Косово бележи пад, со 46 поени и 76-то место на листата.
На врвот на листата се наоѓаат Данска со 89 поени и Финска со 88 поени. Во првите десет земји според најниско ниво на перципирана корупција се и Сингапур, Нов Зеланд, Норвешка, Шведска, Швајцарија, Луксембург, Холандија и Германија.
На дното од листата, пак, се земји како Јужен Судан, Сомалија, Венецуела, Јемен, Либија и Еритреја, кои бележат највисоко ниво на перципирана корупција во јавниот сектор.
Филипче: СДСМ повторно го поднесува законот, 600 евра минимална плата сега
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

