македонија15 октомври 2023 Куманово: Опомени, па блокади за неплатен данок
Опомени за неплатен данок на имот добиле близу 14 илјади кумановци. Доколку и по доставата на решенија не се изврши законската обврска, надлежните ќе преминат кон блокади на сметките. Даночните обврзници имаат можност и електронски да плаќаат данок. Но алатката засега не се користи доволно...
Близу 14 илјади кумановци добиле опомени од Општина Куманово за неплатен данок на имот. Вредноста на неплатениот данок изнесува над 25 милиони денари. Но има и граѓани кои навреме плаќаат данок. Обврската иако задоцниле решенија, ја исполниле 67 проценти од кумановци.
„Општината имаше разбирање за сите граѓани затоа што и самата дистрибуција не течеше претходно во најдобар ред. До 2019 година тоа одеше со доставувачи на општината од тогаш со договори со македонска помош тоа трае до денеска. Има граѓани кои не добивале решенија, не биле запознаени со долговите ние тоа не можеме да трае сè уште“, истакна Ненад Стојановски, раководител Сектор за даноци и такси Општина Куманово.
Надлежните со апели да се надмири долгот во предвидениот рок, во спротивно ќе почнат со непопуларната мерка, блокирање на сметките.
Решението за присилна наплата се врши согласно Законот за даноци на имот. Сметките на граѓаните или правните субјекти во банките ќе бидат блокирани и нема да можат да користат средства од нив.
Од секторот за даноци информираат и дека на 527 правни субјекти не може да им се достави решение за комунална такса за фирмарина за 2023 година од различни причини.
„Овие субјекти воопшто не се најдени, или се иселени, преселени, или едноставно ги нема на тие адреси“, дополни Стојановски.
Даночните обврзници од Куманово имаат можност и електронски да плаќаат данок. Но алатката засега не се користи доволно, туку се плаќа на традиционалниот начин.