10 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Партијата Левица обвини дека началникот на Одделението за внатрешни работи (ОВР) Демир Хисар, Роберт Мартиноски, бил суспендиран во минатото поради барање рекет, а сега повторно се најде во центарот на скандал поради обид за незаконско лишување од слобода.
Според соопштението на Левица, кое го пренесува МИА, однесувањето на Мартиноски е доказ за „хаосот и непрофесионализмот“ во Министерството за внатрешни работи под раководство на министерот Панче Тошковски.
Од партијата велат дека сцените на насилничко однесување потсетуваат на времето кога полицијата била „инструментализирана под партиска директива и тепала студенти по библиотеки“.
Левица тврди дека Мартиноски ја започнал својата кариера како активист на СДСМ, вработувајќи се како помлад инспектор во времето на социјалдемократската власт. Подоцна, за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, бил унапреден во инспектор за општ криминал.
Во тој период, како што наведуваат од Левица, бил суспендиран поради барање рекет. И покрај тоа, со доаѓањето на Панче Тошковски на чело на МВР, токму Мартиноски бил поставен за началник на ОВР Демир Хисар.
Според соопштението, во последниот инцидент Мартиноски се обидел да лиши од слобода директорка од Демир Хисар без судски налог и без да бидат исполнети законските услови кои дозволуваат апсење без налог.
„Фактите се јасни – немало правен основ за лишување од слобода, затоа што немало налог од суд,“ наведува Левица.
Партијата јавно го праша министерот Тошковски зошто Мартиноски не е веднаш разрешен и како е можно да биде унапреден лице кое претходно било суспендирано. Левица повика началникот да биде итно разрешен и против него да се поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба.
„Ваквите опасни однесувања на власта, каде токму полицијата ги крши законите, не смеат да поминат, затоа што секој може да биде наредна жртва на самоволието на авторитарната власт,“ стои во крајот на соопштението.
ДУИ бара политичка одговорност по фашистички повици на натпревар во Куманово