21 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Политичката партија Левица остро реагира на последното поскапување на горивата, оценувајќи дека Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски не презема соодветни мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните.
Оттаму посочуваат дека зголемувањето на цената на горивата за нови 7 денари по литар, вторпат во рок од една недела, дополнително го засилува притисокот врз домашните буџети. Според нив, ваквиот раст директно се прелева врз цените на храната, транспортот и услугите, со што се продлабочува економската несигурност.
„Обидите на премиерот да ја минимизира ситуацијата претставуваат избегнување одговорност“, велат од Левица, додавајќи дека актуелната власт не ги чувствува последиците од сопствените политики бидејќи функционерите користат бенефиции финансирани од буџетот.
Од партијата нагласуваат дека граѓаните се принудени да прават тешки избори меѓу основните животни трошоци, додека носителите на власта, како што велат, не ја делат истата економска реалност.
Левица потсетува и на ставовите на сегашната власт од 2022 година, кога, според нив, со конкретни пресметки и предлози се залагале за намалување на акцизите со цел поевтинување на горивата.
„Тогаш имаше формули, бројки и решенија, а денес има изговори и одложување“, се наведува во соопштението.
Дополнително, од партијата ја критикуваат праксата на споредување на цените со оние во регионот, оценувајќи дека таквите споредби ја игнорираат куповната моќ на граѓаните.
„Во услови кога платите во Македонија се значително пониски од оние во земјите со кои се прави споредбата, аргументот за ‘поевтино гориво’ ја губи секоја реална вредност, бидејќи товарот е несразмерно поголем за македонските граѓани“, велат од Левица.
Според нив, Владата имала на располагање повеќе механизми за ублажување на ценовниот удар, како намалување на акцизите, ограничување на маржите или субвенции, но одлучила да не интервенира.
„Со тоа, целиот товар се префрла врз граѓаните, кои се оставени сами да се справуваат со последиците од кризата“, заклучуваат од партијата.
Државниот врв со честитки за Фитр Бајрам: пораки за мир, солидарност и соживот
Филипче: Цените растат, а Мицкоски троши народни пари наместо да преземе мерки
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

