Љубчо Георгиевски: Србизацијата на Македонија е поотворена од кога било!
Изјави дека Македонија е сведок на најинтензивниот процес на србизирање досега. Според него, додека во јавниот дискурс доминира темата за таканаречената „бугаризација“, во реалноста се одвива масовна србизација на македонското општество.
„За жал, се нахранија македонските југословени и македонските србомани, и тие не запираат. Дури и до вчера гледав на некои телевизии како продолжува офанзивата на одбрана од бугаризацијата. Но, она што го кажав пред некое време никој не го регистрира – додека трае битката против бугаризацијата, јас сум сведок на најголемата србизација на Македонија,“ изјави Георгиевски.
Тој додаде дека процесот на србизирање е отворен и забележлив во сите сфери на општествениот живот. Според него, интензитетот со кој се спроведува овој процес во последните две години е без преседан.
„Дури и во Југославија немаше ваков интензитет на србизирање на македонскиот народ како што се случува денес. Ако претходно сè се прикриваше преку југословенство, денес гледаме отворено србизирање,“ нагласи поранешниот премиер.
Со оваа изјава, Георгиевски повторно ја отвори темата за влијанијата врз македонското национално и културно самоопределување, нагласувајќи дека се потребни посериозни анализи и свест за промените што се случуваат во земјата.