Матичарите што „работеле“ од дома или странство — државата им плаќала, судот им простува
Додека граѓаните редат редици пред шалтерите за изводи и документи, некои вработени во Управата за водење матични книги (УВМК) си седеле дома или дури во странство — и сепак редовно добивале плата. Но најскандалозното: наместо да се соочат со строги казни, раководителите кои ова го прикривале поминуваат само со условни затворски казни.
Во Дебар, раководител на подрачната канцеларија призна вина пред судот дека водел службена евиденција дека неговиот помлад референт бил „присутен“ два месеци, иако овој воопшто не се појавувал. За ова, судот му изрече условна казна затвор од шест месеци — практично порака дека ваквото кршење на довербата и расфрлање со јавни пари не е нешто сериозно.
Друг раководител од истата канцеларија, кој сега е во Америка, дури бил осуден во отсуство, затоа што незаконски му одобрил одмор на вработен кој немал ниту шести месеци стаж, ниту бил во земјава. Наместо отказ, референтот добивал плата, а државата — минус во буџетот.
Но Дебар не е исклучок. Новата кривична пријава на СВР Скопје открива тројца вработени во скопската подрачна единица — Ј.Б., Г.А. и К.Н. — кои, според пријавата, се договарале да ги кријат отсутните, да ги евидентираат како присутни и со тоа да им овозможат незаконски плати. Само во случајот на К.Н., кој не доаѓал на работа во јули и август 2024, државата е оштетена за 150.000 денари. Заедно, овие тројца раководители и референти покажуваат дека системот во УВМК е поставен за злоупотреба, а не за отчетност.
Сликата станува уште поцрна ако се потсетиме на ревизорскиот извештај од 2019 година, кој предупреди дека Управата вработува лица без планирање, ангажира луѓе со договори на дело за редовни задачи, исплаќа милионски суми за нејасни услуги, и нема систем за евидентирање на работното време. Наместо овие проблеми да се решат, тие станаа хронична болест.
Клучното прашање што се наметнува: зошто судството им „прощава“ на овие јавни службеници, кога секој нивен ден отсутност значи кражба од граѓаните? Зошто институциите кои години се предупредувани за системски слабости, не воведуваат електронска контрола на работното време? И, најважното, кој ќе ја врати украдената доверба и парите назад во буџетот?
Судските условни пресуди испраќаат опасна порака: во Македонија, ако доволно добро ја „наместиш“ документацијата, можеш да седиш дома или да работиш од странство — а државата сè уште ќе ти плаќа.