04 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Социјалниот револт предизвикан од одземањето на возила на лица кои управуваат без возачка дозвола кулминираше денеска со протест и блокада на магистралниот пат Битола–Охрид. Демонстрантите, најчесто од социјално загрозени категории, јавно ги изнесуваат своите лични приказни, тврдејќи дека новите законски мерки директно им го загрозуваат егзистенцијалниот опстанок.
„Ние сме од Битола, ние сме од нашите. Некои немаме возачки. Денеска ми земаа кола од 700 евра. Пет деца имам, во шупа живеам. Кај да одиме?“, изјави еден од демонстрантите, нагласувајќи дека возилото за него не претставува луксуз, туку единствено средство за преживување и обезбедување основни услови за живот.
Протестите се директна реакција на последните законски измени со кои се предвидува задолжително одземање на возилата управувани без возачка дозвола. Демонстрантите сметаат дека мерката е ригидна и не ги зема предвид социјалните околности на најсиромашните граѓани.
„Гледај сега што направи претседателот со ова. Е сега гледај ние што правиме. Прилеп, Ресен, Битола – сè е блокирано. Уште 2000 души доаѓаат“, вели истиот демонстрант, посочувајќи дека протестите се шират и дека незадоволството добива масовни размери.
Во обраќањата доминира чувството на безизлезност и социјална маргинализација. „Без возачки што беа луѓето трпат за леб. Греотичка сме. Кај да најдеме леб? Овде што сме ние, немаме возачки. Ни даваат по 50 евра социјално“, вели тој, додавајќи дека барањето на демонстрантите е едноставно и јасно: „Колата да ми се врати“.
Сведоштвата од терен ја отсликуваат напнатата атмосфера на протестите, каде што мерките за зголемување на безбедноста во сообраќајот се судираат со длабоки социјални проблеми, сиромаштија и системска исклученост. Додека демонстрантите порачуваат дека за нив возилото е основно средство за егзистенција, институциите засега остануваат на ставот дека законот ќе се применува без исклучоци.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

