Министерката Кочоска го обвини снегот за слабиот раст: И економијата замрзна
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, најде нов начин да го оправда слабиот старт на капиталните инвестиции во првите месеци од 2025 – временските услови. Според неа, ниските температури и снегот во јануари и февруари се виновници за тоа што се реализирани само околу 10% од планираните капитални расходи. Навистина, ако снегот и студот се доволна пречка за Владата да не вложува во инфраструктура, тогаш треба да се запрашаме дали живееме во скандинавска земја без основна логистика, или во држава со вековна историја на зими.
Ако се земе предвид дека зимата доаѓа секоја година – со или без изненадувања – оправдувањето дека „беше студено“ звучи како обид за комичен бекство од одговорност. Инфраструктурните проекти не се планираат по временска прогноза, туку со стратегија, визија и подготовка. Ако Владата не е способна да ја организира и временската рамка на проектите според климатските услови, тогаш или нема капацитет, или нема волја.
Особено е симптоматично тоа што министерката не зборува за тоа што се правело во подготовка на проектите додека паѓал снегот. Каде се административните процедури, договорите, тендерите, планирањето? Дали сè мора да чека убаво време за да се тргне од мртва точка?
Дополнително, министерката се фали со нова методологија на евидентирање капитални расходи, со која повеќе не се вклучуваат трошоци како исплати на гаранции. Тоа е за поздравување, но се поставува прашањето – дали се менува методологијата за да се подобри транспарентноста или за да се манипулира со бројките? Секако, новиот начин на пресметување не треба да биде параван зад кој ќе се крие реалната имплементација, или подобро кажано – неимплементација – на проекти.
Уште повознемирувачки е тоа што министерката навестува дека сè што било претходно правено било „вештачко“, а сега одеднаш е „реално“. Но реалноста на терен не ја покажуваат ниту табелите, ниту процентите, туку улиците, болниците, училиштата и инфраструктурата што (не) се градат.
Изјавата дека речиси и да немало реализација на проекти во последните седум години звучи како повторување на старата политичка плоча – обвини го претходниот, па ќе ти се простат и сегашните неуспеси. Но граѓаните не живеат во статистика – тие сакаат резултати, а не оправдувања.
Ако снегот е доволна причина за нефункционирање на институциите, тогаш можеби треба да размислиме да воведеме „зимски распуст“ и за Владата. Но за жал, државата не може да си дозволи да мирува додека врне. И токму затоа, ваквите изјави не се само несериозни – тие се навреда за интелигенцијата на граѓаните.