13 април 2025
• од Гоце Кически
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, на маргините на Анталија Дипломатскиот форум, објави низа формални и дипломатски средби. Меѓу нив, особено внимание привлекува средбата со европратеникот Илхан Кјучук — за која министерот свесно или намерно избегна да ја сподели најважната информација: дека станува збор за бугарски пратеник во Европскиот парламент, и тоа претседател на Комисијата за правни прашања.
Ова не е мала пропуштена формалност. Ова е сериозна манипулација со информацијата. Во политички контекст кој е веќе крајно чувствителен, особено во односите со Бугарија, да се скрие токму оваа димензија од јавноста е директна навреда за граѓаните и нивното право да знаат со кого и за што се разговара во нивно име.
Муцунски во својата изјава повторно се потпира на истрошените флоскули за „неповратност на реформите“ и „оценка според заслуги“. Тоа што го повторува од денот кога ја презеде функцијата. Но прашањето е – што конкретно е направено за да се одблокира европскиот пат на државата? Што точно се разговара со пратеник кој има директен пристап до правната рамка на Европската унија, а доаѓа од земја – Бугарија – која користи свое легитимно право како земја-членка да постави услови во процесот на пристапување? Тоа право е дел од европската правна и политичка архитектура, и колку и да не ни се допаѓаат некои позиции, тие се реалност со која треба да се соочиме со зрелост и дипломатска умешност.
Во тој контекст, важно е да се потенцира и дека официјалниот став на Европската Унија е јасен: за Северна Македонија да напредува во процесот на пристапување, неопходно е да ги внесе Бугарите во Уставот, како дел од уставните измени договорени во рамките на преговарачкиот процес.
За жал, повторно гледаме старо сценарио: дипломатски туризам, без јасна агенда, без резултати, и со внимателно дозиран пиар за домашна употреба. Министерот зборува за европски вредности, но со однесување спротивно на основната демократска вредност – транспарентноста.
Европската Унија не е проблемот – туку домашната неспособност да се разбере што значи вистински посветеност кон пристапниот процес. Северна Македонија има обврски, критериуми што мора да ги исполни, и партнери во ЕУ кои се искрено посветени на нејзиното членство. Но, сè додека МНР продолжува со политика на „замаглување“ и празна реторика, нашето место во Унијата ќе остане далечно ветување.
Министерот Муцунски мора да разбере дека јавноста не бара дипломатски еуфемизми, туку вистина. Бара јасни позиции, отчетност и политичка храброст. Времето на бегање од одговорност под превезот на „висока дипломатија“ одамна помина. Доколку Владата сака доверба – ќе мора најпрво самата да почне да ја покажува.
Европа чека. Прашањето е – дали ние конечно ќе престанеме да си играме политика и ќе почнеме да работиме сериозно за нашето место таму?
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

