Муртезан вели дека вклучувањето на Бугарите во Уставот е неизбежно
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани повторно ја отвори темата за довербата во Европската Унија, истакнувајќи дека „за да продолжи процесот, неопходно е прво да ѝ веруваме на ЕУ и да почнеме да градиме меѓусебна доверба со Бугарите“. Воедно, тој оцени дека уставните измени се „последниот билатерален услов“, со што индиректно го сведува прашањето на релација меѓу Северна Македонија и Бугарија. Таквиот пристап, иако можеби политички прагматичен, ја замаглува суштината на процесот: уставните измени не се билатерална концесија, туку обврска што произлегува од преговарачката рамка усогласена од сите 27 земји членки на ЕУ.
Во реалноста, Европската Унија не располага со инструмент за давање „гаранции“ – ни политички, ни правни – во процесот на проширување. Унијата функционира по принципот мерит систем, односно напредокот во пристапниот процес зависи исклучиво од исполнување на утврдени критериуми, а не од однапред дадени ветувања. Токму затоа инсистирањето на гаранции, искажано низ реториката за градење доверба, може да биде контрапродуктивно – бидејќи создава илузии и погрешни очекувања кај јавноста.
Дополнително, самото позиционирање на уставните измени како „последен билатерален услов“ остава впечаток дека станува збор за исполнување на барања на една земја, иако тие се дел од формалниот европски процес. Тоа го потврди и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој од Скопје порача дека ЕУ очекува од Северна Македонија да го исполни договореното за да продолжат преговорите.
Муртезани со право предупреди на ризикот од натамошна билатерализација, но реториката што сам ја користи ја засилува токму таа дилема. Наместо тоа, Владата треба да ја комуницира реалната слика: напредокот кон ЕУ не доаѓа преку гаранции, туку преку спроведени реформи, функционални институции и исполнети обврски. Довербата – и кон Унијата и од Унијата – се гради со резултати, не со очекувања.