македонија06 декември 2024 МВР: Јанев: Го враќаме достоинството и интегритетот на полицаецот – столбот на јавниот ред и безбедност - 06 ДЕКЕМВРИ 2024
Министертството за внатрешни работи одржа состанок за враќање на достоинството на полицаецот
На 5-ти декември 2024 година, во просториите на Министерството за внатрешни работи, се одржа важен состанок на раководните структури од Секторите за внатрешни работи при Бирото за јавна безбедност. Темата на состанокот беше посветена на враќањето на достоинството и интегритетот на полицаецот, кој е столбот на јавниот ред и безбедност.
На состанокот присуствуваа началниците на униформираната полиција, раководителите на одделенијата за превенција, како и раководителите на ЦИК и ЕИК. Главен акцент беше ставен на преземањето на конкретни мерки за подобрување на работните услови, зголемување на професионалните стандарди и заштита на правата и угледот на припадниците на униформираната полиција.
Истакната беше важноста на меѓусебната доверба и транспарентноста во комуникацијата помеѓу полициските службеници и граѓаните. Договорено беше дека само преку континуирано унапредување на стручната подготовка, етичкото однесување и поддршката за полициските службеници, како и грижата за нивното физичко и ментално здравје, може да се обезбеди целосна посветеност во извршување на нивните задачи.
Директорот на БЈБ, Александар Јанев, ја нагласи потребата за систем кој ќе го вреднува трудот на полицаецот и ќе обезбеди заштита на неговиот интегритет. Началниците единогласно се согласија за потребата од имплементирање на програми за професионален развој и поддршка, како и создавање на позитивна работна атмосфера во рамките на полициските единици.
Дополнително, беа усогласени чекори за јакнење на дисциплината и залагање за фер и правично третирање на секој припадник на полицијата. Министерството за внатрешни работи останува цврсто определено да ги зајакне капацитетите на униформираната полиција и да создаде систем каде секој полицаец ќе го чувствува својот придонес вреднуван, а својата улога – почитувана.
Со овие иницијативи, целта е враќање на довербата кај граѓаните и зајакнување на улогата на полицаецот како чувар на јавниот ред и мир.