македонија22 декември 2024 МВР: Директорот Јанев на симулациска вежба „Стоп за петардите – опасни, штетни и ни малку „кул“ - 19 ДЕКЕМВРИ 2024
Директорот на Бирото за јавна безбедност реализираше симулациска вежба за здравствените ризици од пиротехника
Скопје, 19. декември – Директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи (МВР), Александар Јанев, денес беше присутен на симулациската вежба организирана од Одделението за превенција на Секторот за внатрешни работи Скопје. Вежбата се одржа во соработка со Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија и Црвениот крст на РСМ, на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје, во близина на „Порта Македонија“.
На вежбата учествуваа ученици од две средни училишта: „Марија Склодовска Кири“ и „Владо Тасевски“. Учениците имаа можност да видат и да учат за здравствените ризици поврзани со незаконската употреба на пиротехнички средства, со особено акцент на повредите на екстремитети, главата и начини на реагирање во такви случаи.
Директорот Јанев истакна дека оваа активност е дел од континуираните напори на македонската полиција за подигнување на свестa за безбедноста на граѓаните. „Пиротехниката не смее да биде средство за забава или прослава, особено не за деца и млади," нагласи Јанев. Тој исто така ги поттикна учениците да шириат важна порака против употреба на пиротехнички средства, преку плакати со натписот: „Стоп за петардите – опасни, штетни и ни малку „кул“!“
Оваа иницијатива е дел од пошироките активности на МВР за заштита на младите и осигурување на нивната безбедност, како и промовирање на свеста за опасностите од незаконската употреба на пиротехнички производи во нашето општество.