19 февруари 2026
• од Гоце Кически
Новиот нацрт-извештај за Северна Македонија на известувачот на Европскиот парламент за земјата, Томас Вајц од Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, става посебен акцент на потребата од подобрување на заштитата на правата на ЛГБТ+ заедницата, во контекст на пошироките реформи во областа на фундаменталните права.
Во документот се оценува дека општата рамка за фундаментални права е „широко задоволителна“, но Европскиот парламент експлицитно повикува на унапредување на правната заштита на ЛГБТ+ лицата и поодлучно справување со говорот на омраза кон оваа заедница.
Европската Унија бара поконкретни резултати
Нацрт-извештајот нагласува дека говорот на омраза и дискриминацијата остануваат сериозен предизвик и дека институциите треба поефикасно да реагираат. Оваа порака доаѓа во време кога меѓународните организации бележат ограничен напредок на терен.
Според најновото истражување на Агенцијата на Европската Унија за фундаментални права, само 21% од ЛГБТ+ лица во Северна Македонија се отворени за својот идентитет, додека 39% пријавиле дискриминација во различни области од животот.
Инциденти со говор на омраза ја засилуваат загриженоста
Дополнителна загриженост предизвика летоска силната реакција против Летната школа организирана за поврзување на ЛГБТ+ младите со нивните врсници. По објавата за повик за учесници, организаторите и учесниците беа цел на говор на омраза, закани со смрт и повици на насилство.
Организацијата „Еквалис“, која стои зад настанот, поднесе кривична пријава против повеќе лица, меѓу кои и политичкиот лидер Љупчо Ристевски од партијата „Интегра“ и јавната личност Гордана Гоџо, поради ширење расистички и ксенофобичен материјал и загрозување на јавната безбедност.
Овие случувања, според набљудувачите, ја потврдуваат оценката од Брисел дека е потребна поодлучна институционална реакција.
Дел од клучните услови за напредок кон Европската Унија
Во нацрт-извештајот на Вајц се подвлекува дека напредокот во владеењето на правото и заштитата на фундаменталните права — вклучително и правата на ЛГБТ+ лицата — останува суштински за напредување на Северна Македонија во пристапниот процес.
Европскиот парламент истовремено ја реафирмира својата поддршка за европската перспектива на земјата, но порачува дека се потребни „опипливи, уверливи и вистински резултати“ во клучните области.
Останува притисокот за реформи
Со оглед дека станува збор за нацрт-документ на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, се очекува текстот да претрпи дополнителни политички усогласувања. Сепак, сигналот од Брисел е јасен: заштитата од дискриминација и ефикасната борба против говорот на омраза кон ЛГБТ+ заедницата ќе останат под засилен мониторинг во наредниот период.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

